Членот на претседателството на БиХ, Милорад Додик, им покажа на новинарите стенограм од разговорот со специјалниот пратеник на претседателот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, според кој тој му рекол на Ескобар дека не му е грижа за американските санкции.

„Американската амбасада во Сараево постапи погрешно кога објави изјава од мојот разговор со Ескобар. Не бев подготвен да излезам во јавноста со деталите за тој разговор, но тие одлучија да го кажат само она што тие го рекле, а станува збор за закани за некакви санкции“,
рече Додик.
На твитер-профилот на Амбасадата а САД во БиХ во четвртокот беше објавено дека Ескобар изјавил дека заканите на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, со отцепување на Република Српска од БиХ во САД се сметаат за антидејтонски и дека тие на Србите во БиХ нема да им донесат ништо друго освен изолација и економски очај.
Додик прочита и покажа стенограм од вчерашната средба со американскиот дипломат.
Според Додик, Ескобар рекол:
„Морам да кажам дека новите санкции против Балканот се предвидени и за оние кои политички опструираат, но и за оние кои имаат корист од тоа“.
На што Додик одговорил: „Ми с е.е за вашите санкции. Тоа го имам видено и порано. Ако сакаш да разговараш со мене, не ми се заканувај“.
Ескобар: „Ова не е закана, ова е факт“.
Додик наведе дека дваесет години САД се обидуваат да „направат послушни луѓе“ во БиХ, кои треба само да кажат што им одговара на Американците.
Тој, исто така, рече дека тој секогаш ќе употребува вакви зборови кон оние што мислат дека можат да се закануваат со санкции.
