За помалку од една година, во пожари во болници кои лекуваат болни од ковид-19, во Романија загинаа 21 пациенти
Седум луѓе загинаа денеска во болницата во Констанца, Романија, откако избил пожар во одделот за интензивна нега каде се лекувале пациенти со ковид-19, пренесе агенцијата Ројтерс. Видеа објавени на социјални мрежи покажуваат како пациентите скокаат од прозорците на пониските катови, додека пожарникарите се обидуваат да им помогнат.
Итните служби првично рекоа дека загинале девет лица, но министерот за транспорт, Луциан Боде, подоцна изјави дека таа бројка е последица на лоша комуникација. Пожарот бил изгасен за околу еден час со помош на пожарникарите од Констанца и околните општини.
Пред болницата, јавуваат тамошните медиуми, во знак на протест се собрани роднини на пациенти. Обвинителството отвори истрага за причините за пожарот.
Во февруари, во пожар загинаа четири пациенти во ковид-19 болница во главниот град на земјата, Букурешт. Минатиот ноември, 10 лица загинаа во пожар во одделот за интензивна нега во регионалната болница во Пјатра Неамт.
„Ова е нова ужасна драма која само го потврдува недостатокот на инфраструктура во романскиот здравствен систем кој е под невиден притисоко поради четвртиот бран на пандемијата“,
изјави претседателот Клаус Јоханис.
Радио Слободна Европа пренесува дека во моментот на настанување на пожарот, во болницата имало 125 пациенти. Во моментов, во романските болници, се лекуваат околу 12 500 пациенти, вклучувајќи 373 деца. Околу 1 400 лица се наоѓаат на одделенија за интензивна нега.
Последните дневни статистики од Романија велат дека бројот на нови инфекции, на дневно ниво, е околу 11 000. Одделенијата за интензивна нега низ целата земја веќе немаат место. Романија е втора најлоша држава во ЕУ, според процентот на вакцинација на населението.
И пред пандемијата, романскиот здравствен систем беше под голем притисок, но поради корупција, неефикасност и политизација на менаџерските позиции. И без тоа, здравствениот систем на Романија важи за еден од најмалку развиените во ЕУ. Државата има изградено само една болница во изминатите три децении, троши најмал процент од Буџетот на здравство а десетици илјади доктори и друг медицински персонал ја напуштија земјата за работа во западно-европските земји.
