Не недостигаат ниту имиња од спортскиот живот на листите за советници на овие избори, посебно кај главната владејачка партија
Таткото пратеник, синот советник. Таков би бил очекуваниот исход од претстојните локални избори во Тетово, една од општините во кои се очекува најжешкиот политички натпревар, а каде што носител на листата на ДПА е Пајтим Тачи, синот на лидерот на оваа партија и долгогодишен пратеник Мендух Тачи.
За Пајтим Тачи (31), за кого дел од медиумите пишуваа пред неколку месеци дека докторирал политички науки на Универзитетот на ЈИЕ, овие избори, веројатно, треба да претставуваат отскочна штица за да тргне по стапките на својот татко, чија партија, иако е со ослабени позиции во споредба со претходно кога беше дел од „големата четворка“, сѐ уште има солидна поддршка меѓу тетовци.

Уште едно познато презиме од политичкиот живот може се сретне на советничките листи за претстојните избори. Габриел Бајрам (40) е на 10. (сигурно) место на советничката листа за град Скопје на коалицијата на СДСМ. Станува збор за синот на Амди Бајрам, долгогодишен пратеник и претседател на Сојузот на Ромите, кој почина минатата година, а во последниот пратенички мандат се приклучи кон парламентарното мнозинство предводено од СДСМ.
Листите на двете најголеми партии за градот Скопје ги предводат „доктори“. Носителка на листата на СДСМ е Софија Пејкова, директорката на Клиниката за пластична хирургија. На последниот партиски конгрес Пејкова беше избрана и за член на Централниот, а потоа и на Извршниот одбор на СДСМ. Носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ, пак, е универзитетскиот професор Трајко Славески, некогашен потпретседател на оваа партија и поранешен министер за финансии во првата влада на Никола Груевски.
На листата на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје овој пат ги нема поранешните министри Михајло Маневски и Владо Поповски. На листата за Скопје не е ниту актерката Јелена Жугиќ, затоа, пак, други актери се носители на листите на ВМРО-ДПМНЕ во Велес (Зоран Љутков) и во скопски Карпош (Роберт Велјановски).

Не недостигаат ниту имиња од спортскиот живот на листите за советници на овие избори, посебно на листите на главната владејачка партија. Поранешниот селектор на македонската кошаркарска федерација Марин Докузовски е носител на листата на СДСМ во Карпош, додека во Центар носителка е поранешната ракометарка Андријана Будимир, која, исто така, пред неколку месеци влезе во партиските Централен и Извршен одбор. Втора кандидатка на оваа листа е кошаркарката Едина Муса.
Од лекарската фела, на листите се и имињата на микробиологот Никола Пановски, кој е носител на листата на ДОМ и ЛДП за Град Скопје, додека Виктор Исјановски, директорот на Здравствен дом-Скопје, е на третата позиција на листата на СДСМ во Карпош.
За разлика од изборите за градоначалници, изборите за советници се одржуваат исклучиво во еден круг, според пропорционален модел. Бројот на советници во општините е променлив и зависи од бројот на жители во одредена единица на локалната самоуправа.