Според обвинителството, таа го убила партнерот во расправија додека тој се обидел да ја дави фаќајќи ја за вратот
Велешкиот суд одредил 30-дневен притвор за 23-годишната девојка од Велес осомничена за вчерашното убиство на нејзиниот партнер, соопштија од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес.
Оттаму велат дека побарале најстрога мерка поради тежината на кривичното дело, предвидената казна, опасноста од бегство и можноста да ги скрие трагите.
Според обвинителството, таа го убила партнерот во расправија додека тој се обидел да ја дави фаќајќи ја за вратот.
„На 29 септември, во раните утрински часови, во куќата во која живеела, осомничената при вршење семејно насилство лишила од живот 40-годишен маж со кого живеела во вонбрачна заедница. По вербална и физичка расправија меѓу нив, тој ја фатил за врат со намера да ја дави, па осомничената со нож му нанела убодна рана во пределот на левата страна на градниот кош која резултирала со смртна последица“,
велат од ОЈО Велес.
Велешанката вчера беше приведена во полициска станица, по што обвинителството отвори истрага.