Меѓу пораките што се читаа во Основниот кривичен суд во Скопје од вештачењето на мобилниот телефон на Бојан Јовановски-Боки 13, имаше и такви што тој ги разменувал со контакт запишан како Васе, што алудира на адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова.
Пораките што се прочитаа беа во периодот од почетокот на октомври 2018 до април 2019 година, но контекстот на комуникацијата меѓу нив беше тешко разбирлив. Можеше да се види дека си праќале фотографии од документи за случајот „Империја“, односно мислења од СЈО пратени до судот, како и повеќе пораки преку кои договараат да се слушнат телефонски или да се видат во живо.
„Како си денес, дали се одмори, те молам види со Мајка до каде се“, е содржината на уште една порака од 29 јануари 2019 каде што се споменува прекарот Мајка, со кој веројатно се алудира на Јанева.
Се читаа и две пораки со водителката Лила Стојановска, блиска пријателка на Боки, која во една од нив го известува дека Орце Камчев дошол во ресторанот „Уранија“ заедно со Савова. На тоа Боки возвраќа само: „Стока“.
Исто така, имаше и пораки со осомничениот бизнисмен во „Поштенска банка“, Томе Главчев, а пораките се однесуваа на договарање средби, информација дека се исплатени пари… Главчев сведочеше во предметот на минатите рочишта, но зборуваше дека со Боки договарале реклама за неговата фирма.
Покрај пораките, обвинителката Ивана Трајчева презентираше и фотографии и видеа добиени од вештачењата на телефоните на Боки. На една фотографија се наоѓаа неколку лица, меѓу кои и Боки и Јанева, а обвинителката рече дека таа кореспондира со една порака разменета со лицето Васе, во која пишува „со Мајка сум“.
Но, најголемо внимание во судница предизвикаа неколку фотографии и видеа од неколку секунди од поранешната обвинителка Катица Јанева. На овие фотографии се гледа Јанева како седи на гарнитура во дневна соба, од нозете надолу е покриена со ќебе, а на масичката пред неа, покрај чинија овошје и цигари, има снопче пари во банкноти од 500 евра, во кое според проценка на обвинителството имало околу 50 000 евра. Има и кратки видеа од оваа ситуација, па во едно се слуша како таа вели: „Како ќе одлучат, така ќе планираме“.
Според обвинителството, овие фотографии и видеа на кои се гледаат пари се направени на 4 февруари 2019. Од Јанева имаше уште неколку фотографии од периодот ноември 2018 – февруари 2019. Дел од нив, според обвинителството, се од истата локација на улица „Стрезовска“ и на нив се гледа како Јанева седи во истата дневна соба и како јаде на трпезариската маса. Има и една фотографија од нејзината канцеларија во СЈО како во рацете држи документ од обвинителството и една фотографија од ресторанот „Ден и ноќ“ каде што таа станува од маса и во рацете држи плик.
Судењето е во тек.
До крајот на рочиштето треба да се презентираат други материјслни докази, како наредби за вештачења, листинзи од мобилните оператори итн. Следното рочиште е закажано во четврток и на него треба да се презентираат снимки кои Орце Камчев и Зоран Милески Кичеец го доставиле во обвинителството.