Не беше лесно да најдеме луѓе по селските улици и нивите за да поразговараме за феноменот што во Долнени, општина со помалку од 12 000 избирачи, на овие избори има толку многу кандидати за градоначалник
ДУИ, чиј кадар во моментов ја води општината, одлучи на овие избори да кандидираат друга личност – Урим Ибески, вработен во Општината
Општината Долнени се наоѓа на северниот крај на Пелагонија. „Минијатурната Северна Македонија“, како што некои жители ја нарекуваат поради мешаниот етнички состав, ја сочинуваат 37 села.
Не беше лесно да најдеме луѓе по селските улици и нивите за да поразговараме за феноменот што во Долнени, општина со помалку од 12 000 избирачи, на овие избори има дури осум кандидати за градоначалник. Дури во селото Житоше затекнавме неколкумина жители кои биле на молитва во локалната џамијата.
-Што очекувате од овие избори?
Не очекувам ништо, полошо, подобро не, поцрно, поцрно.
-Зошто?
Дека не сме виделе аир ниту од првите, ниту од вторите, од никој.
вели жител на Општина Долнени.
„Од изборите, не очекуваме ништо, не очекуваме ништо, за полошо да, за подобро не“
рече жител на Општина Долнени.
„Не работат воопшто, интереси свои си гледаат, фотелјата своја, интересите свои си гледаат и веќе нема тој интерес за во селото. После четири години пак ќе дојдат“
вели жител на Општина Долнени.
Разговаравме само со повозрасни, бидејќи млади и нема многу. Во странство се, на печалба.
„Програми јас можам да направам илјада и да излезам пред народот да ги прочитам тие програми и да ми дадат аплауз. Битно е тие програми да бидат на дело. Досега на нула е, нема ништо досега“
рече жител на Општина Долнени.
„Треба да бидат избрани некои момчиња со факултет, добри, млади. А, не овие стари волци. Овие стари волци се научени само да крадат“
вели жител на Општина Долнени.
Математиката вели дека во Долнени има по еден кандидат за градоначалник на секои 1 400 жители, податок по кој општината е рекордер на локалните избори. Ниту еден не е независен кандидат и сите се мажи.
Изет Зејнеловиќ е кандидат на Демократи, Агим Кера на БЕСА, Самедин Имери на Алтернатива, Ладо Глигороски на ВМРО-ДПМНЕ, Адмир Ујкановиќ на Бошњачки демократски сојуз, Аднан Џафероски на СДСМ, Урим Ибески на ДУИ и Сеад Садикоски е кандидат на Демократската партија на Турците.
Изет Зејнеловиќ е пензионер и поранешен вработен во МВР. Мотив за кандидатурата му е запуштеноста на родниот крај, а главното ветување инвестиции.
„Имаме села, отсечени се целосно од општеството. Има села кои немаат вода за пиење. Во 21 век да живееме во вакви услови, затоа младите ни бегаат. Дури и целосно фамилиите ни се иселуваат. Долнени е празно, проверете по селата, се е заминато. Мора да има спас за овој народ“
вели Зејнеловиќ.
Зејнеловиќ, сепак, не е убеден дека има услови за фер натпревар.
„Овие избори ќе бидат како и претходните криминални избори затоа што народните пари што се одвојуваат за финансирање на кампања на политичките партии тие средства не се распоредуваат правилно, односно 90 и кусур отсто се доделува на големите партии. Остатокот на малите партии, што сметам дека не е во ред дека сите исти сме кандидати“
рече Зејнеловиќ.
Мирни и достоинствени избори посакува и Агим Кера, кандидатот на БЕСА.
„Изборите да бидат фер, демократски, народот да биде мирен, народот ќе одлучи и единственото решение да биде на крајот да излеземе со бел образ, да нема поделби меѓу партиите и меѓу народот“
вели Кера.
Кера е професор по физичко образование во средното училиште во Житоше. Ветува дека, доколку победи, ќе ја врати благосостојбата во општината. На прашањето, зошто има толку многу противкандидати, одговора дека вината е кај претходните градоначалници.
„Овој резултат доаѓа како последица на претходните кандидати за кои народот веќе виде колку работеле и, нормално, резултатот е она што е. Осум кандидати се многу, но кога ќе ја погледнете претходната работа, самите луѓе побараа да има друго решение“
рече Кера.
Во училиште работи и кандидатот на Алтернатива, Самедин Имери. Тој е секретар во основното училиште во Црнилиште. Причината што се вклучил во трката за градоначалник е, како што вели, грабежот вреден 7 милиони евра извршен врз тутунарите во општината.
„Не можеме да понудиме нешто посебно се додека имаме миграција, за жал, на младата популација. Ова се случува затоа што нашето постоење е загрозено. Како што споменав, започна голем грабеж од страна на државата и тутунските компании. Иако повторувам дека општината нема некои надлежности, но општината треба да му претходи на решението на овој егзистенцијален проблем за жителите на Долнени“
вели Имери.
Големиот број кандидати, според Имери, се должи на мултиетничкиот состав на општината.
„Општина Долнени е минијатурна Македонија, тука се сите националности, Албанци, Македонци, Турци, Бошњаци, Власи и ова е показател што покажува зошто имаме толку многу кандидати, односно имаме кандидати од сите националности“
рече Имери.
Проблемот со големата миграција на младите е причината што се кандидирам за градоначалник, вели Ладо Глигороски од ВМРО ДПМНЕ. И неговата програма е фокусирана на задржување на младите.
„Родните огништа се напуштаат масовно. Се бара подобар живот, така што сите мајки, без разлика од кои етникуми се, плачат по своите чеда, без разлика Македонки, Турчинки, Албанки, Босанки, значи спасот се гледа на страна. Сакаме да бараме решение, да ни остане младината во нашата општина, во нашата држава. Имаме многу убави услови за земјоделство и да се работи овде“
вели Глигороски.
Глигороски води свој приватен бизнис, а работи и земјоделство. Како и други кандидати, и тој мисли дека конкуренцијата за градоначалничката фотелја е голема поради лошото управување на актуелната локална власт.
Неуспехот на досегашната власт е факт, затоа и бројот на кандидати е зголемен. Секој гледа, на некој начин, спас да се најде, да се смени ова несериозно владеење што го има конкретно во нашата општина
рече Глигороски.
Адмир Ујкановиќ е кандидатот на Бошњачкиот демократски сојуз. Во моментов, тој е директор на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во земјава. Главен мотив за влез во трката за нова функција, вели, му е да придонесе за развој на општината.
„Ние имаме изготвено програма која ќе биде достапна за некое време кога ќе започне предизборната кампања и тука ќе можат и жителите и граѓаните на РСМ да се информираат за се она што ние би го направиле. Тука има голем спектар што ги засега сите возрасти и секој граѓанин. И колку можам да ги тргнам аномалиите од целокупното функционирање на претходниците“
вели Ујкановиќ.
И покрај големиот број кандидати, Ујкановиќ очекува добар резултат.
„Тоа можеби е прашање повеќе за политичките аналитичари, не знам дали некој од кандидатите ќе може да одговори точно на ова прашање, но сите се надеваме на добар резултат“
рече Ујкановиќ.
Аднан Џафероски, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, сега е кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ. И тој вели дека влегол во трката поради систематското уништување на оваа општина во последните 20 години.
„Општина Долнени е, дефинитивно, последна општина во нашата држава во развој. Тоа е најголемиот мој мотив што ме враќа во моето родно место за да можам да им помогнам на граѓаните, за да го дадам својот придонес и своето знаење, да го дадам за доброто на сите граѓани во општина Долнени“
вели Џафероски.
Џафероски вели дека во повеќето делови на општината нема инфраструктура, што ќе му биде приоритет ако победи.
„Во 21 век да немате вода тоа е недозволиво. Затоа кажувам една од работите за да можеме да почнеме со развој, ние мораме инфраструктурно да ја средиме општина Долнени. Без средена инфраструктура, само можеме да го лажеме паметот дека можеме да тргнеме во развој на општината“
рече Џафероски.
А Општина Долнени, во моментов, ја води Џемил Ќамили, кадар на коалицискиот партнер на СДСМ во владата – ДУИ. Интергративците, сепак, се одлучија да кандидираат друга личност – Урим Ибески, вработен во општината. Програмата, вели Ибески, е направена во соработка со граѓаните.
„Јас, како градоначалник, би им понудил на сите граѓани подобри услови за живот, да го намалиме иселувањето на населението, да обезбедиме нови работни места, нова инфраструктура, водоводи, канализација, да направиме нашата општина да биде подобро место за живеење за сите граѓани“
вели Ибески.
Ибески не е загрижен што има рекордно голем број противкандидати.
„И во минатото, како што напоменав претходно, имало повеќе кандидати. Но, сепак, граѓаните кажуваат кој е најдобар со бројот на гласови и тој е победник на овие избори“
рече Ибески.
Осмиот кандидат во Долнени е Сеад Садиковски од Демократската партија на Турците. Тој во моментов е в.д. директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа. Не можеше да најде време за да биде претставен заедно со другите кандидати во оваа сторија.
Во следните 20 дена, осумтемина кандидати ќе прошетаат по селата во Долнени во обид да ги убедат жителите што останале, да гласаат за нив. Борбата, реално, ќе биде за околу 6 500 гласови, колку што имало на последните парламентарни избори.