Израелското Министерство за здравство објави дека од 3 октомври ќе се применуваат нови ограничувања, а меѓу другото, од оние прележале ковид-19 ќе се бара да примат една доза од вакцината, ако од тогаш минале шест месеци, за да можат да добијат таканаречена зелена пропусница
Генералниот директор на Министерството за образование на Израел, Јигал Словик, најави дека на децата кои нема да покажат негативен тест за ковид-19, нема да им биде дозволен влез во училиштата.
Како што изјави, образовниот систем е подготвен да се отвори по речиси цел месец прослава на верските празници.
Некои градинки ќе бидат отворени в среда попладне, а целиот образовен систем ќе се врати на редовните активности во четврток, објавија израелските медиуми.
Официјален претставник на Министерството за образование рече дека верува дека родителите ќе ги тестираат своите деца дома пред да ги вратат на училиште.
„Мислам дека не постои друг начин да се одговори на пандемијата, туку да им се верува на родителите и да преземат што е можно поголема одговорност за нивните деца“,
рече Словик, објаснувајќи дека министерството се грижи за одговор на пандемијата и почитување на карантинот.
На прашањето што ќе се случи ако ученик дојде на училиште без тест, тој одговори дека таквите ученици нема да можат да влезат во училиштето, и дека родителите ќе бидат информирани и ќе треба да дојдат по своите деца.
Словик, исто така, рече дека ја поддржува одлуката наставниците кои не се вакцинирани и одбиваат тестирање за ковид-19 да не примаат плата. Во моментов, околу 300 наставници ги одбиваат двете опции.
Во меѓувреме, израелското Министерство за здравство објави дека од 3 октомври ќе се применуваат нови ограничувања, а меѓу другото, од оние прележале ковид-19 ќе се бара да примат една доза од вакцината, ако од тогаш минале шест месеци, за да можат да добијат таканаречена зелена пропусница.
Новите правила значат дека 1,2 милиони Израелци на кои им е дијагностициран вирусот од почетокот на пандемијата, заедно со оние кои имаат позитивен серолошки тест, ќе мора да добијат една доза од вакцината за да добијат зелена пропусница, пишуваат медиумите.
Новата мерка ќе стапи на сила истиот ден кога зелените пропусници ќе бидат укинати за оние кои не ја примиле третата засилена доза на вакцината, шест месеци по втората.
Во Израел, повеќе од три милиони од 9,3 милиони жители добија трета доза.
Во четвртиот бран на пандемијата во Израел, евидентиран е рекорден број заразени лица за еден ден, речиси 11 000, но бројот на оние на кои им е потребен болнички третман е помал отколку во претходните случаи, што се припишува на големиот број вакцинирани.
Речиси 67 000 тестови беа извршени во саботата, а се регистрирани 2 616 нови случаи на инфекција, што значи дека стапката на инфекција е 3,9 проценти и дека трендот на намалување на бројот на заразени лица продолжува, пренесуваат израелските медиуми.