Тој истакна дека парламентот го има тоа право и го практикувал во минатото да отвори дебата преку посебната анкетна комисија за да се разговара за сите детали
Истражните органи прво да ја завршат работата, а потоа сите да бидат повикани јавно да се добијат одговори што народот сака да ги слушне, истакна премиерот Зоран Заев во врска со истрагата за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово од 8 септември, во кој загинаа 14 луѓе.
„Не бегаме од транспарентност и придонесот да се откријат сите детали и се дадат сите одговори за тоа што се случило во Тетово како причина за предизвикување на пожарот и самиот пожар. Но, како што е редот – прво да оставиме истражните органи да ја завршат работата. Не може политичките претставници да бидат главни носители на истрагата – не заради политиканство, не заради било што. Кога ќе заврши истрагата таа ќе биде соопштена“,
изјави Заев одговарајќи на новинарско прашања во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се формира анкетна комисија во Собранието за да се сослушаат сите страни во врска со трагичниот настан.
Тој истакна дека парламентот го има тоа право и го практикувал во минатото да отвори дебата преку посебната анкетна комисија за да се разговара за сите детали.
„Првиот репрезент на нашиот народ е парламентот и немаме проблем таму да бидеме и да ги дадеме неопходните одговори кои нашиот народ сака да ги слушне“,
додаде Заев.