Голем број од роковите кои се поставени во Законот за младинство учество и младински политики не се исполнети, особено за формирање на локални младински совети кои требаше да ги има во рок од една година од стапувањето на законот во сила, вели Ангела Анѓеловска, потпретседателка на Националниот младински совет на Македонија.
Анеѓелевска во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема политичко учество на младите рече дека дури и по една година и девет месеци во општините не се оформени младинските општински совети чија цел е конекција меѓу младите и општинските советници при носењето на одлуки поврзани со младинските политики.
„Сè уште во голем дел од општините не се формирани тие младински совети кои се клучен елемент на кој младите на локално ниво на една општина ќе ги изразуваат своите ставови. Младинските совети на некој начин треба да претставуваат мост помеѓу младите и советниците во општините“,
вели Анѓеловска.
Додава дека поголемите општини како Скопје, Куманово прават статутарни измени за да може да се имплементира овој дел од Законот.
„Сè уште не можеме во поголемите општини да видиме како би функционирал локалниот младински совет, бидејќи општините треба да ги направат статутарните измени. Така што, ова ќе треба да почека да поминат локалните избори и потоа да видиме дали тие навистина ќе функционираат како што се бара од нив, а тоа е да имаат активно учество во процесот на донесување на младински политики и консултирање на советите во општините“,
вели Анѓеловска.