Тој вели дека останува на тоа дека како премиер/мандатар ќе го изгради својот став за поднесените оставки по соопштувањето на фактите од истрагата
Ниту јас ниту парламентот можеме да бидеме истражен орган. Нека кажат експертите што се случило и кои се причините за пожарот во модуларната болница во Тетово и потоа, секако, дека Собранието има право да формира анкетна комисија и да го анализира случајот, изјави денеска премиерот Зоран Заев, во врска со вчерашното барање на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот да се формира ад-хок комисија за трагедијата во Тетово.
Тој рече дека останува на тоа дека како премиер/мандатар ќе го изгради својот став за поднесените оставки по соопштувањето на фактите од истрагата.
„Се надевам дека час поскоро ќе ја добиеме деталната информација за тоа што се случило и кои се причините и, согласно информациите од истрагата, јас ќе го соопштам ставот за оставките“,
рече Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој се осврна и на блокадата на повеќе закони во парламентот и нагласи дека не гледа причина зошто се кочи донесувањето на измените во законот за работни односи, според кои недела би била ден за одмор за работниците.
„Ако не сега, тоа решение ќе се донесе во ноември или во декември, откако ќе завршат изборите, ама не гледам причина зошто да се кочи нешто што е од интерес на толку многу граѓани, а не е поврзано со изборите. Исто така, има и закони со европско знаме што се блокирани, а тоа се пред се закони од областа на правосудството, како што има и закони за кои е потребно двотретинско мнозинство, како што е законот за парнична постапка. Потоа законот кој предвидува анекс на договорот за патот Кичево – Охрид, а без кој оперативата не може да работи… Има закони кои значат живот за граѓаните. Не обвинувам никого, ама апелирам на на одговорност кон граѓаните. Нема аргументи за блокада на законите, кои не влијаат на изборите“,
рече Заев.