На средбата во Софија, како што информираат од кабинетот на бугарскиот претседател, било заклучено дека во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан и решавање на спорните прашања, најважен е директниот и отворен дијалог
Бугарија очекува ефективни активности од институциите на Европската Унија за промовирање на вредностите на демократијата и почитување на човековите права во Република Северна Македонија, рекол бугарскиот претседател, Румен Радев, на денешната средба во Софија со еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји.
Како што соопштија од кабинетот на Радев, на средбата на која учествувал и министерот за надворешни работи, Светлан Стоев, од бугарска страна било истканато дека околу 120 илјади бугарски државјани во С Македонија се државјани на Европската Унија и Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективно почитување на нивните права.
„Бугарија е најзаинтересирана да ги види своите соседи во Европската Унија, но за тоа е потребно целосно исполнување на Копенхашките критериуми за членство на Република Северна Македонија, особено почитување на човековите права и принципите на добрососедство, кои се во срцето на европската соработка, нагласи бугарскиот претседател“,
пишува во соопштението.
Радев, исто така, посочил дека изјавите и ветувањата за дијалогот од С Македонија повеќе не функционираат и сека Бугарија очекува јасни правнообврзувачки одлуки што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати.
„Ова, исто така, ќе го забрза процесот на европска интеграција за Република Северна Македонија. Румен Радев потсети дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија потпишан во 2017 година не се спроведува и нашиот сосед сè уште не ги решил проблемите со говорот на омраза и конструирање лажна слика за Бугарија во учебниците, музеите и спомениците, како и кон граѓаните на земјата кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвест“,
се додава во соопштението.
На средбата, како што информираат од кабинетот на бугарскиот претседател, било заклучено дека во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан и решавање на спорните прашања, најважен е директниот и отворен дијалог. Се најавува дека Вархеји ќе ја посети и земјава.