Зголемување на бројот на заразени има и кај лицата од 10 до 19 години, и тоа е пораст од 8,2 отсто во споредба со претходната недела
Моментално се хоспитализирани 852 лица, а од нив 596 се на кислородна поддршка и 56 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација
Заклучно со 19 септември, вкупно се регистрирани 522 реинфекции, од кои едно лице трипати се заразило со вирусот (втора реинфекција)
Во периодот од 13 до 19 септември годинава ИЈЗ регистрира намалување на бројот на заболени во сите возрасни групи, освен кај оние од 0 до 9 години, и тоа претставува зголемување од 50,5 отсто и од 10 до 19 години за 8,2 отсто.
Според неделниот извештај на ИЈЗ, намален е и бројот на тестирани за 15,2 отсто во однос на минатата недела и изнесува 28 972, при што бројот на заразени е 3 340 нови случаи, што е во просек 11,4 отсто од бројот на тестирани.
Тоа, според ИЈЗ, е намалување од 3,7 отсто на бројот на новозаразени во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.669; 50,0%), a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци – 280,8/100.000.
Минатата недела починале 154 лица
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, но најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=979, 29,3%), додека најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години (n=143; 4,3%).
„Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасните групи од 0-9, каде што има зголемување за 50,5 отсто и кај возрасната група од 10-19 каде што има зголемување за 8,2 проценти“,
се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Поголем број од новозаразените се жени 1 745 (52,2%) , во споредба со 1 595 (47,8%) лица од машки пол.
Пријавени се 154 смртни случаи во 29 града во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (70), Куманово (12), Струмица (8) и Тетово (8). Најголем број (n=123; 79,9%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.
Заклучно со 19 септември, во земјава досега се пријавени се вкупно 187 068 случаи на ковид-19 во 35 града низ државата.
Најголем дел регистрирани во Скопје, Тетово и Куманово, додека највисок морталитет се евидентира во Прилеп, Охрид и Кавадарци. Највисок процент на смртност има во Крушево и Струга.
Се забележува намалување на инциденцата во 29 града во државата во последните 14 дена во споредба со претходните две недели. Во пет града се забележува зголемување, додека во два града (Пехчево и Крива Паланка), состојбата е непроменета. R0 се движи од 0,48 во Дебар до 2,12 во Демир Хисар.
Највисока кумулативна инциденца на 100 000 жители се регистрира во Кавадарци со 13.556,1 на 100 000 жители, Скопје (12.790,2/100.000) и Неготино (12.034,0/100.000), а најниска инциденца со 4.003,3 заболени на 100 000 жители се регистрира во Македонска Каменица.
Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година (просек – 45,7 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 47.678 (25,5%), додека највисок специфичен морбидитет од 11.613,2/100.000 се регистрира кај возрасната група од 50-59 години (n=32.547). Најнизок специфичен морбидитет од 1.683,0 и 4.416,2 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 3.683 и 10.140 случаи, соодветно (Графикон 1).
Хоспитализирани се 852 лица
Според извештаите од болниците што пристигнаа до ИЈЗ (КИБФС, Институт за ТБЦ, Институт за физикална медицина и рехабилитација, УК Дерматологија, УК Токсикологија, УК ОРЛ, УК Неврологија, УК Кардиологија, ГОБ 8-ми Септември, КБ Штип, КБ Битола и КБ Тетово, ОБ Куманово, ОБ Прилеп, ОБ Велес, ОБ Струмица, ОБ Струга, ОБ Охрид, ОБ Гостивар, ОБ Кичево, ОБ Кочани, ОБ Гевгелија и ОБ Кавадарци, СБ за ТБЦ Лешок, КБ Систина), моментално се хоспитализирани 852 лица, а од нив 596 се на кислородна поддршка и 56 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација, се вели во извештајот на ИЈЗ.
Реинфекции и вакцини
Заклучно со 19 септември 2021 година, вкупно се регистрирани 522 реинфекции (една втора реинфекција).
Заклучно со 18 септември 2021 година, вакцинирани се вкупно 771 301 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19. Комплетно со две дози се вакцинирани вкупно 681 474 лица. Во Република Северна Македонија со една доза на вакцина против ковид-19 се вакцинирани 46,3 отсто од населението над 18-годишна возраст, односно 42,8 проценти од население над 12-годишна возраст. Опфатот со една доза на вакцина против ковид-19, на население над 18 годишна возраст, по ЦЈЗ/ПЕ се движи од 32,4 отсто на територијата што ја покрива ЦЈЗ Тетово/ ПЕ Гостивар до 64,7 посто во ЦЈЗ Велес/ ПЕ Неготино.
СЗО: Македонија е во фаза на широка трансмисија
Според категоризацијата на ризикот и процената на ситуацијата, земајќи ги предвид индикаторите на СЗО за можноста за понатамошна трансмисија и капацитетите за одговор на земјата, се проценува дека Република Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија, подниво 3, со умерени капацитети за одговор.
Тоа, како што посочуваат од ИЈЗ, значи дека покрај мерките за подготвеност во итни случаи, вакцинацијата, одговорот и надзорот, индивидуалните мерки на претпазливост, СЗО им препорачува мерки за разгледување на надлежните органи, кои исто така мора да бидат земени предвид:
– затворање на несуштински деловни активности или работење од дома, што е можно повеќе;
– поединците треба да применуваат мерки, како што се хигиена на рацете, посебно марамче за кашлање, да останат дома доколку не се чувствуваат добро, да носат маска, физичко растојание и да избегнуваат затворени простори, преполни места со можност за близок контакт;
– да се размисли за ограничување на наставата со физичко присуство на универзитетите и да се промовира е-учење;
– службите за згрижување на деца и основните и средните училишта треба да останат отворени со соодветни мерки за безбедност и надзор доколку тоа го дозволува локалната епидемиолошка состојба;
– посебна процена за одржување спортски и слични настани, кои треба да се одржуваат според строги безбедносни правила, на пример, без публика. Другите масовни собири треба да бидат прекинати, а големината на сите социјални собири треба да се намали.