Вонредниот инспекциски надзор беше инициран по пожарот во модуларната ковд-болница во Тетово на 8 септември при што загинаа 14 лица
Државниот санитарен и здравствен инспекторат не констатира никакви неправилности при вонредните инспекциски надзори во 18 модуларни болници лоцирани во: Скопје , (ЈЗУ УКИБФС, ЈЗУ УК за педијатрија и ЈЗУ УК за Пулмологија) ЈЗУ КБ Штип, ЈЗУ ОБ Кочани, ЈЗУ ОБ Струмица, ЈЗУ ОБ Куманово,ЈЗУ ОБ Прилеп, ЈЗУ ОБ Гостивар, ЈЗУ КБ Битола ,ЈЗУ ЗД Ресен ( во склоп на ЈЗУ Здравствен дом) ЈЗУ ОБ Гевгелија, ЈЗУ ОБ Струга, ЈЗУ ОБ Охрид, ЈЗУ ОБ Кавадарци, ЈЗУ ОБ Велес, ЈЗУ ОБ Кичево и ЈЗУ ОБ Дебар.
Предмет на надзор согласно надлежностите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат бил:
– капацитетот на болницата со број на болнички соби, болнички кревети , дополнителни простории, моментална исполнетост со број на хоспитализирани пациенти и од кога е во функција модуларната болница
– санитарно-хигиенска состојба на објектот;
– потврда за извршена ДДД од овластена установа;
– дали се извршени здравствено-хигиенски прегледи на персоналот;
– дали и колку од персоналот се комплетно вакцинирани
– начин на селекција и диспозиција на медицински отпад и договор со овластен оператор кој го подига медицинскиот отпад;
– број на здравствен и останат персонал кој се грижи за пациентите ( лекари, сестри, болничари,хигиеничари)
– дали постои писмен распоред на дежурства во модуларната болница;
– дали се почитува забраната за посета на надворешни лица . Доколку се затекне било кое лице кое е во посета, задолжително да се евидентира во записник ;
– увид во здравствената евиденција која се води во модуларната болница.
Во извештајот од ДЗСИ има дел кој се однесува на болниците во кои има пациенти и оние во кои нема – Битола, Гостивар и Кочани, кои во моментов служат како објект за други пациенти – во Штип, која се користи како инфективно одделение со оглед на тоа што одделението од болницата се реновира, потоа, служат како амбуланта за тријажа, земање материјал за ПЦР тестирање и како дневна болница во Ресен, и модуларните болници во склоп на ЈЗУ клиника за пулмологија и ЈЗУ УК за детски болници исто така функционираат како амбуланта за преглед и тријажа.
Модуларната болница во Дебар од своето пуштање во функција во март оваа година до 1.07.2021 год била затворена, за потоа да продолжи да функционира како вакцинален пункт.
За модуларните болници каде има пациенти, во однос на санитарно-хигиенската состојба, утврдено е дека е извршената ДДД од овластена установа, селекција и диспозиција на медицински отпад, извршени се здравствено-хигенски прегледи, обезбедени се доволни количини на ЛЗО и средства за дезинфекција, а нема недостатоци ни во динамика на чистење и дезинфицирање на работните површини.
„Во сите модуларни болници е истакнато на видно место дека е забранета посета и во моментот на надзор не е затекнато присуство на надворешни лица. Секаде има истакнат распоред на дежурства на здравствен персонал – лекари (специјалисти и специјализанти) и медицински сестри чија бројка е различна согласно капацитетот и бројот на хоспитализирани пациенти“,
соопшти МЗ повикувајќи се на извештајот од ДЗСИ.
Конкретно, за модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје се вели дека по принципот на ротација дежураат лекари специјалисти интернисти од сите клиники на Универзитетскиот клинички центар, а за нега на пациентите се грижат болничари или сестри за нега, додека за одржување на хигиената се грижат хигиеничари.
За вработените во модуларните болници констатирано е дека се имунизирани, а дел имаат прележано ковид-19.
Вонредниот инспекциски надзор беше инициран по пожарот во модуларната ковд-болница во Тетово на 8 септември при што загинаа 14 лица.
Министерството за здравство тврди дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени по технички прием.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на 10 септември ја потврди информацијата дека ќе ја проверува документацијата за набавката и изградбата на сите 19 модуларни болници во земјава.
По трагичниот настан во ковид-центарот во Тетово, велат оттаму, отворен е предмет по допрен глас.
Во истрагата за пожарот се вклучени експерти од германската криминалистика.