За време на посетата на Вашингтон министерката за одбрана имаше средби во Пентагон со секретарот за одбрана Лојд Остин и со неговите блиски соработници – потсекретарот Колин Кал и помошничката секретар Лора Купер, како и во Стејт департментот со новиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска од денеска престојува во американската сојузна држава Вермонт откако имаше средби во Пентагон со секретарот за одбрана Лојд Остин и со неговите блиски соработници – потсекретарот Колин Кал и помошничката секретар Лора Купер, како и во Стејт Департментот со новиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Како што соопштија од МО, Шекеринска во Вермонт ќе се сретне со заменик гувернерката Моли Греј, а ќе ја посети и базата на Воздухопловната национална гарда каде што со своите домаќини ќе разговараат за идните активности во соработката на Армијата со Националната гарда на Вермонт. Министерката ќе го посети и полигонот за планирање и операции во оваа сојузна држава и ќе присуствува на брифинг во Оперативниот центар за итни случаи, каде што ќе се информира за начинот на кој државата Вермонт се справува со природните несреќи и катастрофи, вклучувајќи ги и пожарите.
Шекеринска во Вермонт ќе има и прес-конференција заедно со своите домаќини, која ќе биде посветена на долгогодишната соработка на двете држави и двете армии.
Домаќин на посетата е командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, кој ја придружуваше македонската делегација и во Вашингтон.