Европската Комисија сака да види и засилена соработка со дигиталните платформи и социјалните мрежи. Националните тела задолжени за сајбер-безбедност треба на новинарите да им дадат комплетна поддршка, посебно во случаи кога нивните лични или професионални профили и електронска пошта се загрозени
Европската комисијата излезе со конкретен предлог за подобрување на безбедноста на новинарите само еден ден подоцна откако претседателката Урсула фон дер Лајен најави иницијатива за заштита на новинарите и медиумските работници.
Петер де Врис, холандски новинар, кој целиот свој живот го посвети на истрага за корупција и криминал, беше убиен летово во Холандија. Два месеци претходно, Јоргос Караиваз беше убиен во Атина. Во февруари 2018 година, Јан Куцијак, словачки новинар, исто така беше убиен заедно со неговата партнерка. А само половина година порано, убиена беше и популарната новинарка од Малта, Дафне Галиција.
Но, ова не се изолирани инциденти.
Потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, презентирајќи ја иницијативата за поголема безбедност на новинарите, кажа дека не е правно обврзувачка бидејќи Европската комисија не е надлежна во оваа област, но вети дека ќе се врши постојан притисок врз земјите членки затоа што заканите, вознемирувањата и нападите врз новинарската фела се зголемуваат драстично, посебно од почетокот на кризата со ковид-19.
Препораката подготвена од Јурова бара од земјите членки да воспостават посебни центри за помош на новинарите, каде што тие ќе добиваат правна и психолошка поддршка, се бара зајакната заштита на новинарите кои покриваат демонстрации и посебен фокус на безбедноста на жените новинарки и новинарите кои припаѓаат на малцински или ранливи групи.
Европската комисија сака да види и засилена соработка со дигиталните платформи и социјалните мрежи. Националните тела задолжени за сајбер-безбедност треба на новинарите да им дадат комплетна поддршка посебно во случаи кога нивните лични или професионални профили и електронска пошта се загрозени.
„Иако препораките не се правно обврзувачки ние ќе ја набљудуваме состојбата од блиску и ќе вршиме постојан притисок да се направи повеќе, затоа што ова е силен повик да не се потценуваат заканите и предупредувачките знаци дека новинарите се во вистинска опасност од реално насилство“,
изјави Јурова.
На прес-конференцијата потпретседателката се осврна посебно на случајот со Словенија и премиерот Јанез Јанша, кој редовно се пресметува, некогаш на брутален начин, со новинарите преку социјалните мрежи. Еден од овие таргетирани новинари, Блаж Згага, сега е под посебна заштита, потсети Јурова.
„Разговарав со релевантните министри во Словенија и јасно ставив до знаење дека насилството кон поединечни новинари кое произлегува од директни напади на политичари е целосно неприфатливо, политичарите се тука да трпат критика и да одговорат со факти и бројки а не со омраза и насилство насочени кон специфични новинари“,
Јурова.