Најмногу поднесени кандидатури има за Град Скопје – 12 за градоначалник и 15 листи за советници
Општинските изборни комисии (ОИК) веќе ги потврдуваат листите за кандидати и советниците за локалните избори на 17 октомври. Брзината на потврдувањето на кандидатурите зависи од проверката на податоците за кандидатите од институциите, имајќи предвид дека станува збор за голем број кандидати. Институциите се должни информациите во електронска форма да ги достават до ОИК.
Вкупно, во сите 80 општини и Градот Скопје поднесени се 297 кандидатури за градоначалник и 546 листи за советници.
Најдоцна до 18 септември ОИК треба да ги достават до Државната изборна комисија, за потоа да се одржи ждрепка и огласување на листите.
Изборната комисија на Град Скопје веќе ги потврдила листите на кандидатите кои ден пред истекот на рокот ги доставиле своите кандидатури и тоа на Левица и за советници и за градоначалник и на Бошњачки демократски сојуз. За градот Скопје поднесени се вкупно 12 кандидатури за градоначалник и 15 листи за советници, што е најмногу во споредба со другите општини.