Изменетиот предлог-закон за јавно обвинителство, врз основа на преговорите што ги водеа политичките партии и јавната расправа, попладнево во 17 часот треба да се најде на собраниска седница.
Во споредбата со претходниот, во новиот предлог-закон најголеми измени има во делот кој се однесува на „бомбите“ и случаите на СЈО или поточно во членот 110 за кој албанската опозиција веќе излезе со низа негодувања.
„Бомбите“, како индиции во отворени истраги, нема да се слушаат други за нови истраги
Во новиот предлог-закон стриктно се предвидува дека „бомбите“ ќе останат докази во предметите на СЈО за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година, но во сите други предмети покренати од ова обвинителство тие нема да важат (член 110, став 2).
За предметите покренати по рокот од 18 месеци прислушуваните разговори и транскриптите од нив можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинение ниту, пак, да бидат докази пред судот (член 110, став 3). Ова значи дека „бомби“ нема да се слушаат во судница ниту да бидат докази во случаите: „Империја“ каде што осомничени се Орце Камчев, Цветан Панделевски, Сашо Мијалков и др.: „Поштенска банка“ против Томче Главчев, Ратко Димитровски, Зоранчо Митревски и др.; „Попис“ против Никола Груевски и Али Ахмети; „Пациент“ каде што е опфатен и Бујар Османи; „Моќник“ против 13 лица меѓу кои и Антонијо Милошоски и други случаи.
Со предлог-законот, понатаму, се предвидува дека сите други „бомби“ не смеат повторно да се преслушуваат и употребуваат, што во пракса би значело тоа што е покренато како истрага до сега – тоа е, нови предмети од прислушуваните разговори нема да се отвораат.
Уништувањето на снимките од прислушувањето е предвидено „во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови на предметите“.

За споредба, во претходниот текст од законскиот предлог немаше конкретни одредби за „бомбите“ и нивната улога во постапките на СЈО освен дека ќе се чуваат во јавното обвинителство и дека ќе се уништат три години по правосилноста на пресудите. Ова министерката за правда Рената Дескоска го објаснуваше со тоа дека по укажувања од експерти оставиле судот да решава што ќе се случи со прислушуваните разговори, односно дали тие ќе се прифатат или не, но и што ќе се случува со истрагите отворени по истекот на 18 месеци – фамозниот датум 30 јуни 2017 г.
Русковска ќе го доврши мандатот, следниот шеф ќе се избира на внатрешни избори
Уште една од промените што се направени по преговорите за законот за јавно обвинителство е начинот на кој ќе се избира шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Според предлог-законот што влезе во Собрание и за кој е закажана седница во 17 часот денеска, се предвидува дека актуелните шефови на обвинителства ќе си го завршат мандатот, што значи дека Русковска останува на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до крајот на четиригодишниот мандат. Тој ѝ завршува во ноември 2022 година бидејќи беше избрана во ноември 2018.

Русковска ќе може да аплицира за уште еден мандат, но начинот на кој ќе биде избрана таа или некој друг ќе биде изменет.
Имено, според предлог-законот, Советот на јавни обвинители треба да распише оглас, а потоа да изготви листа од пријавените кандидати кои ги исполнуваат условите. Понатаму, комисија формирана од страна на Советот треба да спроведе гласање, на кое право на глас ќе имаат сите јавни обвинители во земјава.
Врз основа на резултатите од гласањето, Советот за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе го именува кандидатот што освоил најмногу гласови.

*поврзана вест (ВИДЕО) Беса и Алијанса за Албанците нема да го поддржат законот за ЈО