Алијансата за Албанците и Беса нема да гласаат за законот за јавно обвинителство, соопштија денеска пратениците Сурија Руштити и Фадил Зендели.
„Точно е е дека Алијансата водеше преговори со Министерството за правда и имаше свои забелешки и предлози на драфт-верзијата, но и голем дел од нив беа прифатени, но во последниот предлог што стигна во парламентот има драстични измени во членот 110 каде што се предвидува целосна амнестија на тие што се корумпирани и ние никогаш нема да прифатиме закон за јавно обвинителство со кој се амнестираат криминалци“,
изјави Рушити.
Пратеникот на Беса, Фадил Зендели, рече дека тие нема да гласаат бидејќи не биле консултирани за последната верзија на предлог-законот што утрово пристигна во парламентот.
Според него, поднесениот предлог-закон е различен од онаа верзија која била договарана.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за 17 часот денеска закажа седница на која на дневен ред се ставени новиот закон за јавно обвинителство и законот за Совет на јавни обвинители.
Измените во законот за Советот на јавни обвинители се поради новото решение според кое преку ова тело ќе оди изборот на шеф на Обвинителството за организиран криминал, за што претходно ќе има избори на кои ќе гласаат сите обвинители.
Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби денеска потсети дека законите за ЈО и за Совет на јавни обвинители треба да се донесат по скратена постапка.
За законот за јавно обвинителство е потребно двотретинско мнозинство или 80 гласа кои власта ги обезбеди со помош на независната група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, чии барања беа прифатени и вметнати во законското решение.
Двете нови законски решенија стигнале во парламентот по полноќ, откако беа усвоени на синоќешната владина седница.