Тие ќе можат да се појават на своите работни места исклучиво врз основа на еден од трите услови, а тоа се вакцинација, прележување на болеста или негативен тест за ковид
Од 1 октомври лекарите, медицинските сестри, но и немедицинскиот персонал ќе можат да доаѓаат на работа исклучиво со дигитален ковид-сертификат, пишуваат хрватските медиуми.
Тие ќе можат да се појават на своите работни места исклучиво врз основа на еден од трите услови, а тоа се вакцинација, прележување на болеста или негативен тест за ковид.
Хрватскиот министер за здравство Вили Берош вели дека со недели разговарале за воведување на сертификатот за ковид, а официјалната одлука ќе биде донесена наскоро.
„Самото воведување треба да биде на почетокот на октомври. Меѓутоа, за таква организација е потребно време. Мораме да одржиме состаноци со раководствата на болницата, и на крајот, вработените ќе имаат време да одлучат за најдобрата варијанта – вакцинацијата“,
објаснува Берош и додава дека набавката на тестови за вработените е во тек.
Во првата фаза тестирањето за вработените ќе биде бесплатно, а планирано е по месец и половина или два тестирањата да се спроведуваат на трошок на медицинските лица. Иако повеќето веруваат дека тестирањето треба уште веднаш да им се наплатува на вработените, бидејќи се очекува медицинскиот персонал да биде вакциниран, Берош вели дека смета дека треба да се остави повеќе време за приспособување.
„Иако би било оправдано, јас не сум веднаш за таков чекор. Сметам дека мораме да им овозможиме на сите да размислат повторно и да се вакцинираат“,
смета Берош.
Според последните податоци на хрватското Министерство за здравство, заклучно со 6 септември, 60,67 проценти од вработените во хрватскиот здравствен систем се вакцинирани со две дози, а 33,56 проценти не примиле ниту една доза.
