За просветните работници, односно за наставниците и професорите, задолжителен е сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19 во последните шест месеци или негативен лабораториски тест два пати неделно (секој вторник и петок), а трошоците за тестирањето ќе биде на товар на просветните работници
Под строги здравствени протоколи што предвидуваа документ поврзан со ковид-19, и за учениците и за наставниците и професорите и со задолжителна употреба на маска, од денеска со физичко присуство, почнува новата учебна година во Грција.
За просветните работници, односно за наставниците и професорите, задолжителен е сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19 во последните шест месеци или негативен лабораториски тест два пати неделно (секој вторник и петок), а трошоците за тестирањето ќе биде на товар на просветните работници.
Слични се условите и за учениците, односно и за нив ќе биде потребен или сертификат за вакцинација, доколку се постари од 12 години или потврда за прележана болест во последните шест месеци или изјава по направен брз тест, задолжителен два пати неделно (секој вторник и петок).
Како и минатата учебна година, кога по карантинот се отворија училиштата, така и сега, учениците кои не се вакцинирани или се помали од 12 години ќе се тестираат со бесплатни тестови за домашна употреба, односно т.н. селф тестови, кои веќе се достапни во аптеките.
Селф-тестот е задолжителен два пати неделно и учениците ќе треба секој вторник и петок на училиште да носат потврда со негативен резултат од тестирањето направено до 24 часа пред пристигнувањето за да можат да прсуствуваат на настава.
За разлика од лани кога во случај на ковид-19 целото одделение или клас, по потврдениот случај или потврдените случаи продолжуваа со онлајн настава, оваа учебна година, наставата со физичко присуство ќе се прекине само доколку има 50 отсто плус еден позитивен случај од вкупниот број ученици.
При позитивен случај на ковид-19, ученикот ќе биде во изолација најмалку десет дена и во училиште ќе дојде откако три дена ќе биде без температура и нема да има други симптоми.
Посебни правила има за блиските контакти на потврдениот случај, односно во период од седум дена потребно е дополнително тестирање на класот или одделението.
Доколку се работи за невакцинирани ученици или наставници ќе треба да се прават два брзи теста, а за вакцинираните доволни се два селф-теста.
Намерата на грчката Влада е наставата да започне и да заврши со физичко присуство на учениците и училиштата да останат отворени, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
„Во овој момент не сум во позиција да го предвидам текот на пандемијата од моментот кога ќе отворат училиштата. Тоа е непознато, не само за Грција, туку за целиот свет и сите во овој момент го следат тоа. Што е сигурно? Дека треба да го зголемиме процентот на вакцинација на децата над 12 години“,
рече Мицотакис за време на вчерашната прес конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун и упати апел до родителите и учениците да се вакцинираат, пренесе МИА.
Според податоците, во Грција осум од десет просветни работници се вакцинирани, со што Грција во овој дел е многу повисоко од други европски земји.
