Владејачката партија реагираше откако опозицискиот водач најави постапка во Собранието за разрешување на министерот и на заменикот во здравство
СДСМ возврати по денешната прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека Христијан Мицкоски сака да профитира од трагедијата во Тетово и дека не го знае Уставот, а откако тој најави постапка во Собранието за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче, како и на неговиот заменик, доколку не достават оставки во парламентот, наместо кај премиерот.
„Денеска Христијан Мицкоски повторно покажа две работи: на маката, на националната трагедија, сака да профитира за себе; и второ, дека не разбира политика ниту право. Предлогот на Мицкоски е голо политиканство и очаен обид да се напаѓа неосновано. Уставот на државата е јасен, член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот. Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата, а за предлогот за разрешување Собранието одлучува на наредната седница“,
реагираа од СДСМ.
Од владејачката партија оценуваат дека на Мицкоски, очигледно, не му кажале какви се процедурите за поставување и разрешување министри, па затоа, како што велат, денеска излегува со смешни ултиматуми и предлози кои немаат никаква правна основа.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат неодговорно, се ситат на несреќи, а денеска излегуваат со несериозни и правно неписмени предлози. Сето тоа е доказ за очајот во кој е западнат бидејќи знае дека го чека нов пораз на изборите“,
нагласуваат од СДСМ.