Можно е уште денеска попладне по 17 часот спикерот Талат Џафери да закаже седница за законот за ЈО.
Одлуката за тоа, според извори на „360 степени“ од претпладневната координација во парламентот, ќе се носи во зависност од тоа каков став ќе заземе ВМРО-ДПМНЕ и дали законот е номотехнички усогласен за да може да почне расправата за него.
Според информациите, меѓу партиите од мнозинството има усогласеност за донесување на законот за ЈО до распуштање на парламентот.
Во меѓувреме, претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби треба да закаже седница на ова тело, затоа што законот за ЈО се носи со европско знаме и по скратена постапка. Паралелно, треба да се донесат и измени на Законот за Совет на јавни обвинители, поради новото решение според кое преку ова тело ќе оди изборот на шеф на Обвинителството за организиран криминал, за што ќе има избори на кои ќе гласаат сите обвинители.
На денешната координација не е разговарано за тоа дали 12 февруари останува последен датум за распуштање на парламентот, со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ има доставено таков предлог до Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ не учествувала и на денешната координација кај Џафери. Од пратеничката група на СДСМ излегуваат со проценки дека, ако се одолговлечи донесувањето на законите за ЈО и за Совет на обвинители, има простор до 19 февруари за распуштање на парламентот, за изборите да се одржат на 12 април.
Двете нови законски решенија стигнале во парламентот по полноќ, откако беа усвоени на синоќешната владина седница.