Во писменото обраќање до јавноста, премиерот најавува дека во текот на следната недела, во, како што вели, првиот момент откако експертската истрага ќе покаже нов посериозен напредок, ќе ги соопшти ставовите на Владата, базирани на фактите од истрагата и на прес-конференција ќе одговари на сите прашања од медиумите
Мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот. Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага.
Вака премиерот Зоран Заев одговори на вчерашната понудена оставка на министерот за здравство Венко Филипче и на заменик- министерот за здравство Илир Хасани директорите на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, по трагедијата во тетовската модуларна ковид-болница, во која во пожат загинаа 14 лица.
Заев во писменото обраќање најави дека во текот на следната недела, во, како што вели, првиот момент откако експертската истрага ќе покаже нов посериозен напредок, ќе ги соопшти ставовите на Владата, базирани на фактите од истрагата и на прес-конференција ќе одговари на сите прашања од медиумите.
„Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик-министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи.
Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детаљ причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика, за што веќе се реализираат подготвителни извидувања и активности и за што упатувам огромна благодарност до нашиот НАТО сојузник, Германија.
Во овие моменти на национална трагедија и на целосна мобилизација на сите државни и општествени капацитети околу целосно расветлување на случајот, упатувам благодарност до сите чинители кои во исклучително краток рок спасија човечки животи, обезбедија сериозни информации и анализи при истрагата, обезбедија врвна стручна странска експертиза, покажаа огромно чувство на солидарност и сочувство и демонстрираа највисоко ниво на одговорност.
Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“,
се вели во обраќањето на Заев.
Тој упати апел до јавноста и до претставниците на медиумите да се фокусираат на истрагата и на фактите.
„Овие денови, внимателноста при јавните комуникации е исклучиво заради потребата на ниту еден начин да не се влијае врз темпото и квалитетот на истрагата, но целиот процес се води целосно транспарентно и според највисоките институционални стандарди и протоколи“,
вели Заев.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера соопшти дека понудил писмена оставка од функцијата до премиерот Зоран Заев, што следува по пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово каде загинаа 14 лица.
„Пред година и пол го регистриравме првиот ковид-случај во нашата земја. Од тој ден до денес секогаш пред граѓаните стоев отворено и транспраентно, соопштувајќи ги сите – и добри и лоши вести. Никогаш не бегав од критика, не останав должен одговор, никогаш не се откажав од битката да ја победиме пандемијата. Сите одлуки кои ги донесовме беа со една единствена цел, а тоа е да се заштити здравјето на граѓаните. Последната трагедија во Тетово многу ме погоди. Мнгоу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства, нема зборови што тоа може да го опишат ниту начин за да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет. Затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“,
рече Филипче, кој се заблагодари на соработниците и на медиумите.
Пред тоа, прво директорот на тетовската болница Флорин Бесими, а потоа и заменик- министерот за здравство поднесоа оставки. Пред нив тоа го направи и економскиот директор на тетовската болница Артан Етеми.