Паралелно во тек е и истрагата за причините за пожарот, за што уште вечерта кога се случи трагичниот настан, на терен излегоа пет обвинители од обвинителствата од Тетово и Скопје
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција попладнево ја потврди информацијата дека ќе ја проверува документацијата за набавката и изградбата на сите 19 модуларни болници во земјава.
По трагичниот настан во ковид-центарот во Тетово, велат оттаму, отворен е предмет по допрен глас.
„Постапката е во насока на проверка на спроведувањето и реализацијата на јавните набавки за изградба на модуларните болници во државава. За таа цел, денеска до Бирото за јавни набавки и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) е издадена Наредба за обезбедување на севкупната документација поврзана со изградбата на сите 19 модуларни болници. Прибраните материјални докази ќе бидат предмет на анализа во насока на утврдување дали документацијата за спроведената јавна набавка соодветствува со техничката документација за овие објекти“,
велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека ќе се преземат и други дејствија за прибирање докази.
Паралелно во тек е и истрагата за причините за пожарот, за што уште вечерта кога се случи трагичниот настан, на терен излегоа пет обвинители од обвинителствата од Тетово и Скопје. Денеска од Владата соопштија дека во истрагата ќе се вклучат и германски експерти од Федералната криминалистичка полиција.