По катастрофалниот пожар во модуларната болница во Тетово, пораки за сочувство и солидарност испратија и Грција и Србија.
„Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и нашата солидарност до народот и Владата на Северна Македонија“,
напиша на Твитер Министерството за надворешни работи на Грција.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, телефонски разговарал со премиерот Зоран Заев и, по повод пожарот во болницата во Тетово, во име на сите српски граѓани изразил сочувство до семејствата на жртвите, јави дописникот на МИА од Белград.
„Граѓаните на Србија се во болка заедно со луѓето во Тетово. Подготвени сме да пружиме секаква братска помош, бидејќи граѓаните на Македонија не се сами во оваа трагедија, потенцираше Вучиќ во телефонскиот разговор со премиерот Заев“,
соопштија од прес–службата на српскиот претседател.
Тој на повредените им посака брзо и успешно закрепнување.
Инаку, Обвинителството издаде наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК-анали за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал.