Кога на власта и е поудобно да гази по дебелите теписи во Собранието и да парадира низ Скопје, на нас ни е чест да бидеме тука со народот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, објаснувајќи зошто опозицијата не е на централната свеченост по повод јубилејот на независноста
Триесет години се доволен период да се направи една оспежна анализа за тоа што сме денес, дали дрвото беше насадено исправно и зошто сега е натежнато и зошто сега е искривено, кои беа очекувањата, каков беше заветот и каде дојдовме. Дилемата е дали го оправдуваме заветот на татковците на оваа нација, кои во деведесеттите се потпираа на асномците, а асномците на илинденците и се така наназад во нашата богата историја, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на настаното што опозицијата го организираше во Битола, по повод јубилејот од независноста.
„Не сме дрво без корен, и работата е што корењата се премногу длабоки, а сеќавањата не напуштаат лесно. Нашето дрво беше засадено со крвта и страдањата на многу генерации кои веруваа во слободата, но овие 30 години истото сериозно е навалено и натежнато.Затоа, можам со горко чувство и со тага во мене, да соопштам дека овие 30 години ги разочаравме основачите на независноста на државата. Не го исполнуваме како држава во целост нивниот завет. А зад ова што го говорам е чувството дека по малку, чекор по чекор се губи државата. А работите се вртат во еден ист круг“,
оцени Мицкоски.
Тој рече дека Европа и светот незапирливо трчаат напред, бележат рекорди, создаваат и живеат според вредности, додека земјава се соочува со, како што рече, целосната блокада за членство во ЕУ, што, според него, само говори дека како држава немаме цели кон кои се стремиме и движиме.

„Не е суштината да велите дека сте решиле проблем како тој со Грција, со кој подоцна ќе отворите пет нови проблеми. Не е главното да се откажете од се што е за вас значајно како народ и да кажете направив исчекор со Бугарија. Потребно е да се има мудрост, како што беа мудри и Глигоров и Кљусев, како што мудро се водеше политиката од експертската влада која ја застана на нозе земјата“,
рече опозицискиот лидер.
Тој рече дека одбва да влегувам во кампања на меѓусебни обвинувања, клеветења, расипани игри, од кои, нагласи, полза имаат само оние кои ги ползуваат придобивките од власта, на, според него, нечесен и лукративен начин.
„Оваа нова генерација на луѓе кои се занимаваат со политика со мачнина гледа на обидите сите да не вовлечат во нивната игра на меѓусебни обвинувања. Тоа не е наша цел. Ние мора да направиме црта со минатото и со таквите луѓе и да ја направиме разликата. Затоа чувствувам должност да кажам зошто денес прославуваме 30 години независност токму во Битола. Денеска сме тука затоа што сакаме да направиме паралела со сето она што се случува во ова наше тешко политичко секојдневие, а таа паралела не сакаме да биде со онаа паралелна прослава на Владата, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не учествува во паради кои ги прави власта. И кога на власта и е поедноставно, поудобно, да ги гази дебелите килими во Собранието, да парадира низ Скопје, на ВМРО-ДПМНЕ и е чест и поудобно да биде овде во Битола, заедно со народот“,
рече Мицкоски, објаснувајќи зошто опозицијата не е на централната прослава по повод јубилејот од осамостојувањето на државата.
Потоа, тој зборуваше и за целите кон кои во наредните 30 години треба да се движи државата, нагласувајќи дека мора да се надминат поделбите.
„Нашата цел за наредните триесет години мора да биде уривање и на последните стереотипи, поделби, клевети и обвинувања. Јас ќе уривам ѕидови кои делат и ќе градам мостови што ќе обединуваат. Ќе обединуваат буквално од Липково до Кривогаштани, од Тетово до Штип. Мора да градиме мостови, и да се разликуваме помеѓу себе и по идеите и во натпреварот кој ќе направи повеќе за нашата Македонија“,
заклучи Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека сонува големи работи за нашата земја, но и дека работи за остварување на тие соништа.
„Нашата цел во следните 30 години е дека мора да ги вратиме децата, семејствата кои се иселија и си заминаа. Нема град во светот каде што нема да најдете Македонец на некоја висока позиција. Ако успеал таму при жестока конкуренција, зошто да не успее тука. Да ги вратиме светилките во градовите и селата. Целта во следните 30 години мора да биде Македонија да развие индустрија која ќе биде оддржлива. Каде ќе има барем една фабрика на познат бренд на автомобили, бизнис инкубатори кои ќе генерираат бизниси, и да бидеме седиште на светски компании. Целта во следните 30 години мора да биде не само да влеземе во мапата на 1000 најдобри универзитети во светот, туку да се бориме за првите 100 места во светот, да се бориме со најдобрите“,
рече Мицкоски.