Граѓаните може да ги проверат своите податоци во подрачните единици и канцеларии на ДИК, како и електронски преку нивната веб-страница
До четврток на полноќ граѓаните ќе можат да ги проверат своите податоци за Избирачкиот список, а до сабота на полноќ (11 септември) се поднесуваат кандидатурите за учество на локалните избори закажани за 17 октомври. Учесниците на изборите ги објавуваат и последните кандидати што ќе ги претставуваат.
Во Избирачкиот список до саботата проверки направиле вкупно 12 128 лица, соопшти Државната изборна комисија. Дотогаш се поднесени се вкупно 47 барања за запишување во избирачкиот список, 28 барања за бришење на податоците од избирачкиот список и 22 барања за измена на податоците во избирачкиот список.
Граѓаните може да ги проверат своите податоци во подрачните единици и канцеларии на ДИК, како и електронски преку нивната веб-страница.
Избирачкиот список потоа се доставува до политичките партии, а во него треба да бидат внесени и податоци од МВР за лица кои имаат барања за нови лични карти, од Управата за санкции и од МТСП за лицата во старските домови. Избирачкиот список се заклучува најдоцна до 24 септември, а треба да биде потпишан најдоцна на 1 октомври.
Своите кандидатури партиите и независните кандидати треба да ги достават до општинските изборни комисии до 11 септември на полноќ.
Изборната кампања за првиот круг од локалните избори започнува на 27 септември и ќе трае до 15 октомври на полноќ.
На овие избори првпат во земјата ќе се користат терминали за вчитување на отпечатоци од прсти. Првите 200 пристигнаа во земјава, а ДИК треба да започне со обука за нивно користење. Компанијата „Дермалог“ сите терминали треба да ги достави во земјата до 1 октомври.