Тензичната атмосфера во црногорскиот град Цетиње продолжи и денеска. Демонстрантите од утрово порачуваат дека нема да дозволат свештениците од Српската православна црква (СПЦ) да пристигнат во Цетинскиот манастир каде треба да се случи устоличувањето на митрополитот Јоаникиј.
Полицијата во неколку наврати се судри со демонстрантите и, како што јавуваат црногорските медиуми, биле фрлени неколку солзавци за да се разбие толпата во центарот на Цетиње.

Дел од медиумите, повикувајќи се на информации од Општата болница во Цетиње, јавуваат дека во инцидентите се повредени четири лица.
Поради немирите, автобуси со свештеници од СПЦ кои тргнале кон Цетинскиот манастир се вратиле кон Подгорица. Српскиот патријарх Порфириј, заедно со митрополитот Јоаникиј, пак, со хеликоптер веќе пристигнаа во манастирот.
Групата демонстранти бара устоличувањето да се одржи на друго место, а не во Цетинскиот манастир.
Тензичните протести започнаа вчера, кога во центарот на Цетиње беше пробиена заштитната ограда поставена за да ги спречи демонстрантите да се доближат до манастирот, а потоа со барикади беа блокирани и влезовите кон градот.
Синоќа дел од медиумите јавија дека црногорските премиер и вицепремиер, Здравко Кривокапиќ и Дритан Абазовиќ, ургирале кај врвот на СПЦ да се одложи устоличувањето, но набргу патријархот Порфириј, во изјава за српските медиуми, ги демантираше написите дека ќе дојде до такво нешто.