Тензични протести во Цетиње од една, и литургија во Подгорица од друга страна, го одбележуваат денешниот ден во пресрет на утрешното устоличување на митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј.
Црногорските граѓани кои се противат на тоа устоличувањето да биде во цетинскиот манастир, на кое ќе присуствува и српскиот патријарх Профириј, денеска излегоа на протести за време на кои имаше и судири со полицијата. Прво ја отстранија ограда поставена на плоштадот во Цетиње со цел да ги држи демонстрантите подалеку од цетинскиот манастир, а потоа ги блокираа и влезовите кон Цетиње, како оние од правец на Подгорица и Будва. Поставија барикади од камења, автомобилски гуми, како и жив штит.
РТВ Цетиње објави и видео дека кај демонстрантите во Цетиње попладнето пристигнал и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
На устоличувањето на митрополитот Јоаникиј на цетинскиот манастир претходно остро реагираа црногорските национални организации и здруженија, како и повеќето опозициски парламентарни партии кои бараа овој настан да се одржи во друг град.
Од друга страна, пак, поддржувачите вечерва во голем број се собраа пред храмот Христово воскресение во Подгорица за свечено да го дочекаат српскиот патријарх Порфириј. Таму се одржува и свечена литургија во пресрет на утрешното устоличување во цетинскиот манастир. Српскиот патријарх пристигна во храмот околу 18 часот, а на собирот присутни се и црногорскиот премиер, Здравко Кривокапиќ, како и неколку министри и претставници на дел од владејачките партии.
Покрај литургијата, пред храмот во Подгорица се очекува и обраќање на патријархот Профириј и митрополитот Јоаникиј.