Иако стартот на официјалната кампања за локалните избори на 17 октомври е „закажан“ за 27 септември, зачестија партиските собири низ општините во земјава, особено откако двете најголеми партии ги утврдија речиси сите кандидатури за градоначалници
Предизборни собири се одржуваа вечерва во повеќе скопски населби, десетина дена пред истекот на рокот за потврдување на кандидатурите за градоначалници и за советници, кој истекува на 11 септември.
Иако стартот на официјалната кампања за локалните избори на 17 октомври е „закажан“ за 27 септември, зачестија партиските собири низ општините во земјава, особено откако двете најголеми партии ги утврдија речиси повеќето кандидатури за градоначалници.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва беше на партиски собир во Ѓорче Петров, каде што го промовираше кандидатот за градоначалник, Александар Стојковски.
„Ова да се локални избори, но истовремено се избори што одлучуваат во каква држава сакате да живееме. Победата на 17 октомври во првиот круг на опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, подразбира нова влада, подразбира пад на оваа криминална владата меѓу двата круга. ВМРО-ДПМНЕ подаде рака на сите, одлучи да ги покани сите во опозицискиот блок заедно да соработуваме, да може оваа криминална влада да падне, а потоа да следи одговорност“,
рече Мицкоски.
Потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска, заедно со градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за нов мандат, Филип Темелковски, беше на маалска средба со жителите на оваа општина.
„Во изминатите четири години, како владејачка партија, со нашите коалициски партнери, огромно внимание посветивме на развој на подобри услови за живот, школување и вработување на младите. Во таа насока се и образовните реформи со кои го подобруваме квалитетот на наставата, но и ги подготвуваме сегашните и идните генерации за идните работни места и времето што допрва ни доаѓа“,
рече Царовска.
Потпретседателот на СДСМ Венко Филипче беше на средба со жители на населбата Лисиче во општина Аеродром, заедно со новиот кандидат за градоначалник на оваа општина Александар Филиповски.
„Го вративме достоинството на здравствените работници. Континуирано ја зголемувавме основната плата на лекарите специјалисти за 40 отсто, а на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 проценти. Општите лекари, денеска имаат плата зголемена за 25 отсто, а здравствемите работници за 15 отсто. Со одговорен однос и пристап кон здравствениот сектор и здравствените работници создаваме стабилен здравствен систем и креираме атмосфера во која младите здравствени работници својата иднина ќе ја гледаат дома“,
рече Филипче.