Во разговорот со адмиралот Роберт Бурк, како што соопштија од МО, станало збор и за ситуацијата во светот, со осврт на Авганистан и за состојбите во регионот, каде што нашата земја директно придонесува во мирот и стабилноста
Ние членството во НАТО не го сфаќаме само како привилегија туку и како одговорност и можност да даваме придонес во мирот и безбедноста во светот и во регионот. Затоа сме горди на нашето учество во мисијата КФОР во Косово, бидејќи така најдиректно регионот ги почувствува придобивките од членството на нашата земја во НАТО, а НАТО доби сојузник чија конструктивна политика одамна е препознаена во регионот и пошироко, рече министерката Радмила Шекеринска на денешната средба во Неапол со командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО, адмирал Роберт Бурк.
Во разговорот, како што соопштија од МО, станало збор и за ситуацијата во светот, со осврт на Авганистан, и за состојбите во регионот, каде нашата земја, како членка на НАТО, директно придонесува во мирот и стабилноста, за што доби позитивни оценки од Алијансата.
Како што информираат од МО, Шекеринска во базата на НАТО била дочекана со специјален кордон, со кој е поздравено нејзиното присуство во седиштето во една од најважните команди на Алијансата.
Делегацијата од Министерството за одбрана и од Армијата имала средби и во директоратите за вежби и операции, каде што е брифирана за активностите и плановите на Сојузничката команда.