Агенцијата за национална безбедност на Северна Македонија деновиве во Скопје е домаќин на директори на безбедносните служби на неколку десетици европски земји. Се разговара за предизвиците во работата на службите во услови на ковид-пандемија
Припадниците на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ја дочекуваат двогодишнината од формирањето на институцијата со нови легитимации. Примероци од нив денеска и беа ставени на увид на јавноста.
Во пресрет на 1 септември, кога во 2019 година беше формирана АНБ како делумна наследничка на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), од Агенцијата денеска информираа дека успеале речиси целосно да го усогласат своето работење и интерната регулатива со новото законодавство. Сепак, АНБ засега останува да функционира од просториите на некогашната УБК, кои се во кругот на МВР. Физичкото одвојување во МВР, велат од АНБ, би можело да се очекува најрано ова време в година, ако дотогаш заврши реновирањето и прилагодувањето на просториите на некогашниот „Македонија табак“.
Во однос на кадровската екипираност, од АНБ се горди што успеале да ги вработат десеттемина најдобри студенти од факултетите по безбедност во државава. Застапеноста на етничките Албанци меѓу вработените е зголемена од 11,3% од УБК, на 17,5% во моментов во АНБ, велат од Агенцијата.
Од АНБ сметаат дека успешно ги извршуваат задачите по трите основни надлежности: спротивставување на разузнавачки активности на други држави, спротивставување на тероризам и насилен екстремизам и собирање информации за евентуално загрозување на виталните економски интереси на државава. Во тој контекст ги наведуваат акциите на разотривање и апсење на кумановско-скопската терористичка група за која имало сознанија дека подготвува напади на витални објекти во земјава и заплената на оружје кај Србица, Кичевско.
Сознанијата на АНБ велат дека околу 160 државјани на Северна Македонија се бореле на блискоисточните фронтови како припадници на ИСИС, од кои 60-ина се загинати, а околу 90 се вратени во земјава. Повратниците се предмет на кривични постапки, како што предвидува Кривичниот законик, но и на обиди за ресоцијализација. Од АНБ се задоволни со степенот на соработка и координација со другите институции од безбедносно-разузнавачкиот комплекс.
Во институциите засега не е разговарано за евентуално интегрирање на дел од бегалците од Авганистан. Тие, според АНБ, треба да останат најмногу 90 дена во Северна Македонија.