Учениците во Грција ќе мора да доаѓаат на училиште или со потврда за вакцинација (за возрасна група од 12-17 години) или со сертификат за ковид-19 издаден во последните шест месеци. Во спротивно, тие ќе мора да прават тест за ковид двапати неделно и да донесат потврда за негативен резултат при влегување во училиште
Србија предвидува три модели на работа на училиштата, во зависност од ситуацијата со епидемијата
За разлика од минатата година, кога повеќето ученици на Балканот учеа од далечина во најголем дел од времето, годинава повеќето земји од регионот најавија почеток учебната 2021/2022 година со физичко присуство.
Сепак, во случај на зголемување на бројот на заболени од ковид-19, речиси сите земји имаат подготвено алтернативна онлајн-настава.
Во Македонија учебна година започнува редовно, со физичко присуство во основните и средните училишта, а ќе се одвива под јасно утврдени здравствени протоколи. Од Министерството за здравство велат дека ваквата стратегија се покажа како добра минатата учебна година, кога 40 отсто од учениците следеа физичка настава.
Сепак, исклучок од оваа одлука ќе бидат децата со ретки болести или попречености, децата кои доаѓаат од семејства со хронично болни членови на семејството, по барање на родителите, или други немедицински причини, со дозвола на училиштето.
Еве како планираат другите балканските земји да ја започнат учебната година:
Грција
Наставата во училиштата во Грција нема да биде на далечина оваа година, а владата ќе бара други мерки за борба против можните жаришта на коронавирус, рече грчкиот заменик министер за образование Зета Макри.
„Нема да се вратиме на учење на далечина бидејќи имаме вакцинација“,
рече таа и додаде дека отстапки од мерката ќе има во исклучителни случаи.
Училиштата во Грција ќе се отворат на 13 септември, како и обично, под строги безбедносни протоколи против ковид-19. Околу 75-80 проценти од наставниците се вакцинирани или барем имаат добиено термин за вакцинација.
Учениците ќе мора да доаѓаат на училиште или со потврда за вакцинација (за возрасна група од 12-17 години) или со сертификат за ковид-19 издаден во последните шест месеци. Во спротивно, тие ќе мора да прават тест за ковид двапати неделно и да донесат потврда за негативен резултат при влегување во училиште.
Наставниците што не биле вакцинирани и немале ковид-19 ќе треба да прават лабораториски тест за ковид-19 двапати неделно. Невакцинираните наставници тестовите ќе ги прават на свој трошок во приватни лаборатории. Во случај наставникот да не достави ниту еден од овие документи, тој/таа ќе биде времено отстранет од работа без плата.
Турција
Турција ќе го започне процесот образование на 6 септември со физичко присуство, а наставниците и училишниот персонал кои не се вакцинирани ќе треба да прават ПЦР-тест најмалку двапати неделно, објави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Исто така, ПЦР-тест ќе биде потребен за студентите и за вработените на Универзитетите кои не се вакцинирани. Министерот за здравство Фахретин Коџа појасни дека задолжителните редовни ПЦР-тестови што ќе се бараат од невакцинирани лица во Турција ќе бидат бесплатни.
Учениците кои имаат оправдана причина да не присуствуваат на часовите ќе можат да го продолжат учењето од далечина преку онлајн-платформи.
Во Турција, со дозвола на родителите, може да се вакцинираат деца над 15-годишна возраст, како и деца со хронични заболувања над 12-годишна возраст. Повеќе од 80 проценти од турските наставници досега се вакцинирани со најмалку една доза вакцина против ковид-19, а повеќе од 70 проценти се реимунизирани.
Романија
Учебната година во Романија ќе започне во училиштата на 13 септември, рече министерот за образование Сорин Кампјану. Наставата ќе се изведува со физичко присуство само ако бројот на заболени не надмине 6 лица на 1 000 жители.
Родителите ќе добијат формулари во кои ќе можат да се согласат или да не се согласат со вакцинација на деца над 12-годишна возраст. Романија започна да вакцинира деца на возраст од 12 години и постари против ковид-19 на почетокот на јуни.
Албанија
Албанската министерка за образование, спорт и млади, Евис Куши, информираше дека почетокот на новата учебна 2021-2022 година е одложена и таа, наместо на 13 септември, како што беше најавено, ќе почне на 27 септември, бидејќи е „одлучено да се продолжи периодот на дополнителната настава“.
Куши објасни дека за време на дополнителниот наставен период, што почнува на 1 септември, од учениците не се бара да одат на училиште секој ден, додека наставниците и целиот училишен персонал ќе бидат таму со полно работно време за да обезбедат дополнителна настава и разни спортски, уметнички и културни активности.
Албанскиот премиер Еди Рама, пак, предупреди дека земјата може да воведе задолжителни вакцини против ковид-19 за универзитетски професори и студенти.
Србија
Српскиот Кризен штаб за борба против коронавирус одлучи учебната година во земјата да започне на 1 септември, часот да трае 45 минути, рече министерот за образование Бранко Ружиќ.
Земјата предвидува три модели на работа на училиштата, во зависност од ситуацијата со епидемијата. Според првиот, учениците ќе седат заедно на клупи и ќе носат маски додека зборуваат, а вакцинираните наставници нема да носат маски, освен ако не се приближат до ученик на растојание помало од 1,5 метар.
Вториот модел ќе важи за учениците од седмо и осмо одделение, кои еден ден ќе посетуваат училиште, а еден ден ќе учат преку интернет. Според третиот модел, кој ќе се применува во општините со најголем број заразени со ковид-19, ќе се спроведе онлајн-настава за средношколци и комбинирана настава за учениците од основните училишта.
Општините во земјата ќе бидат поделени во зелени, жолти и црвени зони, во зависност од текот на пандемијата, а во градинките и предучилишните групи децата нема да носат маски, како и вакцинираните воспитувачи.
Словенија
Во Словенија новата учебна година започнува на 1 септември со услов за редовно тестирање на вработените во училиштата, во случаи кога не се вакцинирани против ковид. Директорите на училиштата добија уредба според која одбивањето на вработените да бидат тестирани за коронавирус може да биде причина за отказ.
Сите вработени во училиштето кои не биле болни и не биле вакцинирани мора да се тестираат секоја недела, а неоправданото одбивање на тестирање ќе се смета за прекршување на работните должности. Во овој случај, на вработениот ќе му се даде писмено предупредување пред отказ или ќе започне постапка за отпуштање, а истото важи и доколку вработените одбијат да носат заштитни маски.
Исто така, од учениците ќе се бара да носат маска во училницата, а ако не се придржуваат, директорот мора да ги известат нивните родители.
Се воведува и барање за неделно тестирање на учениците во Словенија кои не биле вакцинирани и не биле заразени. Ова тестирање ќе биде бесплатно за учениците и ќе го финансира државата.
Црна Гора
Учебната година во Црна Гора традиционално ќе започне на 1 септември, но часовите ќе траат 30 наместо вообичаените 45 минути, изјави државниот секретар на црногорското Министерство за образование Милица Кадовиќ. Како и да е, Министерството за образование обезбеди онлајн-модел за настава како опција, во зависност од епидемиската ситуација.