Во Косово од утре стапуваат на сила новите рестриктивни мерки, со кои меѓудругото, се враќа полицискиот час од 22 до пет часот наутро
Во последното деноноќие во Косово се регистрирани рекордни 35 смртни случаи од ковид-19, што е двојно повеќе од досегашните највисоки бројки од по 18 починати, забележани вчера и завчера, како последица на вирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во истиот период, биле регистрирани нови 1 630 случаи на ковид-19, од 11 илјади извршени тестирања, додека како излекувани се евидентирани нешто повеќе од 800 пациенти
Според официјалните статистики на Министерството за здравство на Косово, во земјата моментно има 26 575 активни заразени од Ковид-19. Од почетокот на пандемијата вирусот е откриен кај повеќе од 140 илјади лица, од кои, вклучително денешните случаи, починале 2 457 заболени.
Поради енормниот пораст на бројот на починати и новозаразени од ковид-19, косовскиот премиер Албин Курти денеска го откажа учеството на Европскиот форум Алпбах 2021 во Австрија и свика итна седница на Советот за национална безбедност на Косово.
Инаку, од утре во Косово стапуваат на сила и новите рестриктивни мерки, со кои меѓудругото, се враќа полицискиот час од 22 до пет часот наутро. Исто така се скратува работното време на угостителските објекти, кои наместо до 22.30, во наредниот период ќе можат да работат до 21 часот и 30 минути, и тоа само на терасите и со користење на 70 отсто од капацитетите.
Кабинетот на Курти вчера одлучи и да го одложи почетокот на учебната година за основците и средношколците до 13 септември, а до наредната одлука на Владата остануваат во сила забраните за организирање свадби и други семејни веселби, како и ученички и студентски екскурзии и матурски вечери.
При влез во Косово потребно е да се приложи сертификат за вакцинација со една или две дози, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, или серолошки тест не постар од 30 дена. Лицата кои не поседуваат еден од тие документи треба под заклетва да потпишат изјава за седумдневна самоизолација, или за напуштање на земјата во рок од три часа.
