Следниот петок треба да дојдеме кај претседателот со предлогот за премиер, изјави претседателката на бугарските социјалисти
На бугарските социјалисти им припадна третиот мандат за формирање политичка влада во земјата.
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ѝ го предаде мандатот на Бугарската социјалистичка партија, третопласирана на последните парламентарни избори, оддржани на 11 јули. Претседателката на партијата, Корнелија Нинова, која го прими мандатот изјави дека следува период на здрав разум, со оглед на предизвиците со кои се соочува земјата.
„На Бугарија ѝ треба влада. Избрав третиот мандат да ѝ го дадам на БСП , а има многу причини за тоа. БСП ги исполнува вредностите на слободата и солидарноста. БСП ја зачува отвореноста и дијалогот во последните напори за формирање влада. Верувам дека овие илјадници чесни луѓе се гарант дека третиот мандат ќе се искористи за формирање кабинет околу јасни вредности. Со Уредбата 218 ви наредувам да го соопштите кандидатот за премиер“,
рече Радев при предавањето на мандатот, како што пренесеува БГНЕС.
Нинова изјави дека БСП ја разбира одговорноста што ја презема.
„Ќе ги вложиме сите напори да формираме редовна влада, која ќе преземе мерки за реформи, мерки за промени, за во следните месеци да ја обезбедиме стабилноста на Бугарија. Ќе се обидеме да видиме како можеме да дадеме гаранции за безбедноста и стабилноста“,
му возврати Нинова на Радев.
По излегувањето од средбата, таа изјави дека сега следува период на здрав разум, мудрост, смиреност, земајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува земјата и вложувајќи сериозни напори за формирање кабинет и мнозинство во парламентот.
Таа додаде дека уште денеска БСП ќе се обрати до другите партии за распоредот на разговорите и ќе го извести парламентот.
„Пред нас се два избора – да формираме редовна влада или да излеземе на избори. Сите се согласуваат дека доаѓаат кризи, на кои мора да одговориме смирено и разумно. Во првиот мандат имаше проблеми со министрите, бидејќи имаше готови решенија, сега предлагаме да седнеме и да разговараме за решенијата. Следниот петок треба да дојдеме кај претседателот со предлогот за премиер. Постои ризик ребалансот на буџетот на сегашниот владин кабинет да не го собере потребното мнозинство за изгласување. Ние го гледаме ребалансот на буџетот како можност за формирање мнозинство“,
рече Нинова.
Пред една седмица, до скоро владејачката партија ГЕРБ го врати вториот мандат за формирање влада во Бугарија.
Во Бугарија сега имаа техничка влада, откако на претходните избори, во април, ниту една партија не успеа да обезбеди мнозинство во парламентот, по што беа распишани нови избор
Претходно, предлог-составот за нова влада го повлече партијата „Има таков народ“, која освои најмногу гласови на изборите во јули, ама не успеа да обезбеди мнозинска поддршка во парламентот за избор на кабинетот.