Американски компании, вклучително и „Ербиенби“ и „Волмарт“, обезбедуваат помош за бегалците од Авганистан, откако талибанците ја презедоа власта во земјата
„Ербиенби“, платформа за изнајмување сместување, соопшти дека ќе обезбеди привремено сместување за 20 000 авганистански бегалци ширум светот.
Финансирањето ќе биде обезбедено од компанијата и нејзиниот извршен директор Брајан Чески, а ќе бидат вклучени и други донатори.
„Обезбедуваме сместување преку аранжмани со агенции и партнери кои се во директна координација со бегалците и тие нѐ советуваат за нивните потреби и времетраење на престојот. Сместувањето ќе биде привремено, но ние сме посветени на обезбедување сместување за овие семејства онолку долго колку што им е потребно“,
рече портпаролката на компанијата.
„Ербиенби“ во соработка со своите партнери во текот на викендот обезбеди сместување за 165 бегалци во безбедни домови откако пристигнаа во САД.
Летовите на американската армија и коалицијата досега евакуираа 21 600 луѓе од Кабул, соопшти Белата куќа.
Американската компанија „Верајзон“ соопшти дека нема да им наплатува повици на своите клиенти кон Авганистан, почнувајќи од денеска до 6 септември.
„Волмарт“, исто така, наведе на својата интернет-страница дека планира преку својата фондација да донира 1 милион долари за три непрофитни организации кои поддржуваат авганистански бегалци што влегуваат во САД, како и за ветерани и нивните семејства.
Шест американски авиокомпании, исто така, помагаат во транспортот на луѓе по евакуацијата од Авганистан.
Пентагон во неделата соопшти дека побарал 18 цивилни авиони од „Јунајтед ерлајнс“, „Американ ерлајнс“ и „Делта ерлајнс“ да се вклучат при евакуацијата на луѓе од Авганистан.
Талибанците ја презедоа власта во Авганистан минатата недела, откако САД и нивните сојузници се повлекоа од земјата. Многу држави се обидуваат да ги евакуираат сите странци и Авганистанци пред истекот на рокот договорен со талибанците на 31 август.
