На граѓаните на Германија ќе им требаат ковид-пропусници за во кино, театри, спортски сали, базени, ресторани, болници, старечки домови и многу други места. Овој нов пристап е сличен на оној што е во сила во Франција и Италија
Бесплатното тестирање за коронавирус ќе престане во Германија на 11 октомври, што значи дека оние што ги исполнуваат условите за вакцинација, но не сакаат да се вакцинираат, ќе треба да плаќаат за тестовите
Во Германија, во сила е таканареченото правило „3Г“, според кое само оние што се вакцинирани, што прележале или имаат негативен тест за коронавирусот можат да влезат на јавни места и други простории.
Името „3G” доаѓа од првите букви од трите германски зборови – geimpft (вакцинирани), getestet (тестирани) и genesen (излекувани).

На граѓаните на Германија ќе им требаат ковид-пропусници за во кино, театри, спортски сали, базени, ресторани, болници, старечки домови и многу други места. Овој нов пристап е сличен на оној што е во сила во Франција и Италија.
„Оние кои не се вакцинирани ќе треба редовно да се тестираат за да спречат ширење на вирусот“,
велат од Владата и федералните држави, пишува thelocal.de.
Бесплатното тестирање за коронавирус ќе престане во Германија на 11 октомври, што значи дека оние што ги исполнуваат условите за вакцинација, но не сакаат да се вакцинираат, ќе треба да плаќаат за тестовите. Целта е да се убедат луѓето да се вакцинираат против овој вирусот, бидејќи Германија очајно сака да го избегне четвртиот бран на пандемијата, поттикнат од делта-варијантата.

Правилото „3Г“ нема да важи за продавници, бензински пумпи, аптеки, кај лекар, како и локален и меѓуградски сообраќај. Исто така, постојат посебни правила за влез во хотели и друго сместување. Невакцинираните ќе мора да покажат негативен тест за време на нивниот престој во хотели и да се тестираат на секои три дена.
Исто така, постојат посебни правила за клубовите во повеќето германски региони. Секој што сака да влезе во клубови или дискотеки ќе мора да има негативен ПЦР тест доколку не е вакциниран.
Досега, правилото „3G“ важеше во одредени региони, но сега се проширува на национално ниво и ќе важи низ целата земја. Федералните и државните влади се согласија дека правилото „3Г“ треба да се примени во области каде што седумдневната инциденца на случаи на коронавирус е над 35 случаи на 100 000 луѓе.
Ако ситуацијата е под тие бројки, тогаш државите се слободни сами да одлучат дали ќе го применат ова правило. Сепак, овие мерки, без исклучок, остануваат валидни кога станува збор за посети на болници и домови за стари лица.
Картон, QR -код, пасош на ЕУ
Ако некое лице е целосно вакцинирано, може да покаже картон за вакцинација. Исто така, може да го покаже својот дигитален сертификат за вакцинација, што може да се добие во повеќето аптеки, центри за вакцинација или кај матичен лекар.

Кју-ар (QR) кодот може да се прочита во апликацијата Corona-Warn на Институтот „Роберт Кох“ или преку апликацијата Cov-Pass. Достапни се и дигитални и хартиени верзии на сертификатот. Лицето кое прележало ковид може да го докаже тоа покажувајќи позитивен ПЦР тест со рок од најмалку 28 дена, но не постар од шест месеци.
Луѓето кои не сакаат да се вакцинираат мора да имаат негативен ПЦР тест кој не е постар од 48 часа или антиген тест кој не е постар од 24 часа. И тие се достапни и во дигитална и во хартиена верзија.
Според федералната влада, правилото „3Г“ ќе се ревидира на секои четири недели.
