Истражувањето на јавното мислење за РТЛ и НТВ, спроведено од агенцијата „Форса“ на еден месец пред изборите, покажува дека социјалдемократите (СПД) водат со 23 проценти, пред сојузот ЦДУ/ЦСУ на канцеларката Ангела Меркел со 22 проценти. Зелените се на третото место со 18 проценти, додека либералната ФДП е четврта „сила“ со 12 проценти поддршка
Социјалдемократите во Германија водат пред конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, првпат по 15 години, покажува новата анкета објавена вчера, на само неколку недели пред националните избори.
Истражувањето на јавното мислење за РТЛ и НТВ, спроведено од агенцијата „Форса“, покажува дека социјалдемократите (СПД) водат со 23 проценти, пред сојузот ЦДУ/ЦСУ на канцеларката Ангела Меркел со 22 проценти. Зелените се на третото место со 18 проценти, додека либералната ФДП е четврта „сила“ со 12 проценти поддршка.
„Политико“, врз основа на податоците од анкетите од многубројни извори, анализира дека СПД и ЦДУ/ЦСУ се во мртва трка, со тоа што, според вака собраните податоци, конзервативците водат со 23 проценти, пред социјалдемократите со 22 проценти. Поддршката за конзервативците се намали откако нивниот кандидат за наследник на Меркел, Армин Лашет, направи серија непријатни гафови и, според оценката на „Политико“, се чини дека досега не успеа да ја убеди јавноста дека е достоен да го преземе кормилото.
Социјалдемократите, пак, бележат подем токму како резултат на популарноста на нивниот кандидат за канцелар, министерот за финансии Олаф Шолц.
Анкетата на РТЛ/НТВ покажува дека Шолц е главниот избор за канцелар доколку гласачите можат директно да ја изберат личноста за оваа позиција и тоа со 30 проценти, далеку пред кандидатката на Зелените, Аналена Баербок, со 15 проценти и Лашет со 11 проценти.
Но, сѐ уште останува да се види кој на крајот ќе ја води земјата, бидејќи разликата меѓу првите три партии е многу тесна и би можеле да се формираат голем број различни коалиции врз основа на тековните резултати од анкетите.
Не е само оваа анкета
Анкетата што вчера ја објавија РТЛ/НТВ не е изненадување, бидејќи минатата недела вакви резултати покажа и онаа на Институтот „Кантар“, односно дека предноста на ЦДУ/ЦСУ пред СПД е само еден процент, и тоа во сосема идентични проценти- 23 за ЦДУ/ЦСУ и 22 за СДП.
Имајќи предвид дека земјата набрзо ја очекуваат парламентарни избори, кај конзервативците постои загриженост поради намалувањето на популарноста во анкетите.
„Постои реална можност ЦДУ/ЦСУ да не биде дел од идната влада“,
рекол претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и премиер на Баварија, Маркус Содер, на затворениот состанок на претседателството на ЦСУ во четвртокот, пренесуваат германските медиуми.
Содер го оценил развојот на настаните како „драматичен“ и во исто време ја посочил опасноста од формирање коалиција без учество на ЦДУ/ЦСУ, која е на власт континуирано од 2005 година.
Во анкетите на почетокот на годината, ЦДУ/ЦСУ имаше поддршка од 36 проценти од испитаниците, додека СПД околу 15 проценти.
Исто така, популарноста на Зелените опаѓа, која во еден момент беше 28 проценти, а сега е речиси преполовена.
Сепак, Содер, според учесниците на состанокот на претседателството, смета дека по изборите на 26 септември на федерално ниво може да се формираат коалиции на социјалдемократите, зелените и либералите или левичарската коалиција со социјалдемократите, Зелените и Левичарската партија, но не е голем оптимист.
„Сѐ уште можеме да го смениме трендот, но ќе биде тешко“,
рекол Содер.
Аналитичарите сметаат дека најголемиот удар за ЦДУ/ЦСУ е поради најавеното заминување на долгогодишната претседателка на партијата и канцеларка Ангела Меркел, која најави дека нема да учествува на следните избори.