Познатиот српски актер и режисер Драган Бјелогрлиќ ќе биде задржан во полициска станица во Ниш во следните 48 часа поради насилничко однесување и физички напад кон неговиот колега Предраг Гага Антонијевиќ.
„Бјелогрлиќ е обвинет за насилно однесување и утре ќе биде сослушан“,
соопшти нишкото обвинителство.
Нападот се случил рано утрово околу 4 часот во хотел во Ниш, каде што двајцата присуствувале на филмски фестивал.
На видеото од безбедносните камери на хотелот „Амбасадор“ се гледа како Бјелогрлиќ му приоѓа на Антонијевиќ, кој седел на маса со уште неколку лица, и повеќепати го удира во глава.
Засега нема официјална информација за мотивите за нападот, но српските медиуми пренесуваат дека односите меѓу двајцата колеги биле тензични подолг период, а пред Бјелогрлиќ да се нафрли на Антонијевиќ претходела вербална расправија.
Антонијевиќ е автор на филмот „Дара од Јасеновац“, а пред извесно време го обвини Бјелогрлиќ дека му понудил поткуп на почетокот на 2016 година за да го поддржи филмот „Есента на самураите“.
Антонијевиќ објави преписка од 2016 година, во која, наводно, Бјелогрлиќ му пишал дека може да заработи многу пари. Антонијевиќ тогаш рече дека категорично ја одбил понудата, а Бјелогрлиќ ги отфрли обвинувањата и тврдеше дека преписката е фалсификувана.