Судскиот совет денеска избра 17 судии за Врховниот суд, за Кривичниот и за Граѓанскиот суд во Скопје, како и за уште шест други основни судови во земјава.
За шест места во исто толку основни судови (Берово, Виница, Гостивар, Делчево, Кичево и Крушево), не се пријавил ниту еден судија или кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители.
Врховен доби четворица судии
На денешната седница на Судскиот совет најмногу судии се избрани за Врховниот суд, двајца за кривична и двајца за граѓанска област.

Мирјана Лазарова-Трајковска – како највисоко рангирана, едногласно е избрана за судијка за кривичната област во Врховниот суд. Таа е поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а била и уставен судија во периодот од 2003 до 2008 година. Во нејзината професионална биографија се запишани повеќе работни места во МВР во периодот од 1988 до 2001 година, краток период работела и во Секторот за човекови права во МНР, а од јули 2002 до мај 2003 била претседателка и на Државната изборна комисија.

Сафет Кадрии – е вториот избран за судија кривичар во Врховен. Тој во највисокиот суд ќе се пресели од Апелацискиот суд Скопје каде што исто така е судија кривичар од 2009 година. Тој од 2003 работел и како државен советник во Уставниот суд каде што беше и портпарол. Кадрии бил и државен секретар во Министерството за правда во периодот од 2001 до 2003 година.
Лидија Мартинова – и таа ќе премине во Врховниот суд, исто како и Кадрии, од скопска Апелација. Мартинова ќе биде судијка за граѓанска област. Во Апелацискиот суд таа беше избрана во 2009 година.

Наке Георгиев – и тој ќе биде врховен судија за граѓанска област. Трансферот ќе го направи од позицијата претседател на Апелацискиот суд Штип. заедно со Мартинова за предмети од граѓанската област. Во биографијата на Георгиев е запишано дека станал судија во струмичкиот Основен суд во 1997 година, а во 2004 е избран за судија во штипска Апелација. Претседател на овој суд станал во ноември 2017.
Кривичен доби тројца нови судии, сопругата на Игор Јанушев не беше избрана
По Врховен, најмногу судии денеска се избраа и за Основниот кривичен суд во Скопје – тројца.
Сите се кандидати од Академијата за судии и јавни обвините: Ана Велковска, Тамара Витларова Смилевска и Имране Селмани.
Меѓу кандидатите за судии во Кривичен беше и Маја Јанушева, сопруга на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, но беше петта на ранг-листата со кандидати. Дипломата таа ја зеде во октомври лани откако во шетатата генерација дипломци на Академијата дипломираше како второрангирана според успехот и бодовите.
Тројца судии доби и Основниот граѓански суд во Скопје: Сузана Димитриев, Љупка Крчинска-Стефкова и Тамара Ѓорѓиевска. Сите се кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.
Кумановскиот освен суд, пак, доби двајца нови судии, исто така од Академијата: Александра Наковска и Арбенита Исмани Сакипи.
Од Академијата по еден судија се избра и за уште три други основни судии: Драган Јаковлески – Основен суд Битола; Ељведин Ферати – Основен суд Тетово; Марина Здравкова – Основен суд Штип.
Во два суда, пак, беа избрани судии кои веќе работат. Така, за Основен суд Охрид е избрана Александра Поп Стефанија, која досега беше судијка во судот во Неготино, а за судија во Основниот суд Свети Николе е избрана Лилјана Додевска, која е актуелна судијка во Радовиш.