Лабораторијата во Естонија утврдила дека отпадот од Италија, кој беше запрен на граница, а наменет за „Усје“, ги задоволува европските стандарди, објавија од Царинската управа откако ги добиле резултатите.
Ова доаѓа откако на граничниот премин „Богородица“ на 29 јануари беше направен вонреден инспекциски надзор на 15 камиони од кои беа земени две мостри.
„Врз основа на резултатите од анализата на двете мостри од РДФ-отпад направени во независната лабораторија на Естонија потврдено е дека испитаните параметри се во согласност со дозволените граници наведени во европскиот стандард за цврсти обновени горива“, соопштија од Царината.
Испитувањата на двата примерока биле правени според три параметри:
- нето-калорична вредност (топлинска енергија при согорување на енергенсот, која укажува на перформансите на отпадот);
- содржината на хлор (кој укажува на техничкото однесување);
- содржина на жива (која укажува на влијание на околината).
Според сите три параметри, двете мостри биле класифицирани во една од петте дозволени класи.
Така, согласно Европскиот стандард за цврсти обновени горива, првиот примерок со РДФ-отпад ѝ припаднал на третата гласа според нето-калоричната вредност, а на четврта класа според останатите два параметри.
Вториот примерок, пак, ѝ припаднал на третата класа според нето-калоричната вредност и според содржината на хлор, а на четвртата класа според содржината на жива.
Во врска со оваа контрола, се чешлаше и документацијата, за која министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини рече дека била уредна.