Според командантот на Воздухопловниот ВИНГ, заклучно со вчерашниот ден, реализирани се огромен број летови, како на домашните, така и на странските хеликоптери и авиони вклучени во гаснењето на пожарите, при што се исфрлени 850 тони вода
Пожарите не стивнуваат веќе десетти ден по ред на повеќе места во државата.
Во трка со времето, за што побргу да се изгаснe огнот, македонските пилоти, но и од други држави, се обидуваат да наполнат вода од најблиската локација до пожарот. Таква ситуација имаше и денеска во Скопје, кога хеликоптер на македонската армија беше забележан како полни вода од реката Вардар во Влае, во близина на мостот „Обединети нации“, за да го гаси пожарот кај Сарај.
Според информациите на командантот на Воздухопловниот ВИНГ, полковник Стојко Пејовски, заклучно со вчерашниот ден, реализирани се огромен број летови, како на домашните, така и на странските хеликоптери и авиони вклучени во гаснењето на пожарите, при што се исфрлени 850 тони вода.
Денеска и министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Фејсбук објави дека хеликоптери полнат вода од реката Вардар за да го гаснат пожарот во реонот на Сарај.
Пожарот во близина на селата Раовиќ и Буковиќ во Сарај гори веќе неколку дена и се прошири кон ловиштето Јасен, но засега огнот е под контрола. Како што информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се уште два пожари во земјава, едниот кај селото Дивље во Петровец и кај селото Топлица.