Како одговор на критичарите, албанскиот премиер рече дека меѓународната заедница го губи трпението со Косово и нагласи дека на „Отворен Балкан“ треба да се гледа како на пат што ќе донесе признавање на Косово од страна на Србија
„Отворен Балкан“ не е само пат кон иднината за просперитет на албанската нација како европска, која има своја припадност во обединета Европа, туку е и нова, поголема можност на патот кон признавање на Косово од страна на Србија. „Отворен Балкан“ конечно ја отстранува границата меѓу Албанија и Косово, напиша албанскиот премиер Еди Рама на Фејсбук.
Иницијативата наиде на остри критики од косовската влада и албанската опозиција, која практично го повторува истото обвинување за наводната хегемонија на Србија и дека Рама дава согласност за таков однос.
Во објавата тој на оние што го гледаат како „предавник“ им рече дека бил првиот што гласно зборувал среде Белград за признавањето на Косово од Србија, и дека ако сите биле како него – секогаш и насекаде, на странски јазици го бранеле признавањето на Косово, денес Косово би било многу повеќе почитувано на меѓународно ниво.
Времето не стои и мирот не се победува со војна, тврди тој понатаму, а Косово ја добило војната благодарение на „непобедливиот“ сојуз на САД со најголемите европски сили.
„Без тој сојуз, нема слобода, нема државјанство, нема мир за народот на Косово“,
додаде албанскиот премиер.
На оние што го критикуваат, Рама им поставува реторичко прашање – дали Косово може да постигне траен мир и дали албанската нација може да напредува доколку ги залади односите со САД, Германија, Франција или самата Европска Унија?
„Го поставувам ова прашање затоа што ја видов ситуацијата на терен во прво лице, до таа мера што еден косовски лидер им рече на Меркел и Макрон: ‘Јас не пасев трева за ова’ и со тоа Косово ја загуби историската можност за отстранување на визите за Косово“,
напиша Рама во објавата на Фејсбук.
Тој нагласува дека веќе осум години, исто така, бил сведок на намалена почит и трпение од Западот кон официјална Приштина.
На крајот Рама вели дека можат да продолжат да го критикуваат, но и дека никој во Косово и Албанија не очекува ниту тој ниту новото владејачко мнозинство во Албанија да се откажат од дипломатската борба за мир и економски и социјален просперитет на „Отворениот Балкан“.
„Времето ќе зборува повеќе и подобро“, нагласи на крајот Рама.