Од пожарот се оштетени 400 прагови кои ќе бидат променети во најбрз рок, информираат од Железници инфраструктура
Противпожарниот воз и екипите на македонските Железници го локализираа и ставија под контрола пожарот на пругата кај скопското село Дељадровци, на коридорот 10.
„Од пожарот се оштетени 400 прагови кои ќе бидат променети во најбрз рок. Се става уште еден државен ресурс во справување со пожарите“,
изјави за МИА Хари Локвенец, директор на Железници и инфраструктура.
Противпожарниот воз и дежурната екипа остануваат на терен, за да се спречи повторно активирање на пожарот, кој беше пријавен попладнево во кумановската противпожарна единица, а дел медиуми јавија дека огнот се доближува кон рафинеријата „Окта“.
Пожарот зафатил површина со стрништа на потегот на кумановските села Агино и Брзак и скопско Дељадровци, информираа денеска од територијалната противпожарна единица – Куманово.
