„Несудениот премиер“ Пламен Николов ги известил Радев и претседателката на бугарското Собрание дека ја повлекува својата согласност да учествува во постапката за избор на влада
Утре ќе нема дискусија и гласање за предлог -кабинетот на „Има таков народ“ (ИТН), изјави Ива Митева, претседателката на новото бугарското Собрание и пратеничка од партијата која победи на неодамнешните избори, ама во изминатиоте месец дена не успеа да договори влада.
„Пламен Николов поднесе известување дека ја повлекува својата согласност да биде кандидат за премиер и да учествува во постапката за избор на Влада. Тој ми напиша таква изјава, како на претседател на Собранието, денеска во 16.00 часот, како и на претседателот на републиката, бидејќи постои уредба за тоа. Кога не сакате да бидете кандидат за премиер, никој не може да ве избере со сила“,
коментира Митева во изјави за медиуми во Софија.
Според неа, повлекувањето на Пламен Николов „го отвора патот“ за следната политичка сила.
Одлуката на Николов доаѓа по изјавата на лидерот на партијата Слави Трифонов, предизвикана од одбивањето на другите протестни партии да го поддржат предлог -кабинетот на ИТН.
Во дописот, Николов наведува дека ја повлекува својата согласност да биде изгласан за 56. премиер на Бугарија. „Несудениот премиер“ нагласува дека потегот е поради „лични причини“ и предлага утре да не се гласа за предлогот за влада во парламентот.
Меѓутоа, од Кабинетот на претседателот на Бугарија излегоа со став дека, со указот од шефот на државата, уставната постапка за избор на премиер е веќе во решавачка парламентарна фаза.
„Без поддршка од протестните партии, ние нема да предложиме влада“,
рече лидерот на ИТН, Слави Трифонов.
Неодамнешните (повторени) парламентарни избори, на 11 јули, ја прекинаа политичката доминација на поранешниот премиер Бојко Борисов, што траеше повеќе од една деценија, ИТН стана најсилна партија, но со само 65 места во 240-члениот парламент, така што за формирање влада им е потребна поддршка од други партии.
Ова се случи откако „Демократска Бугарија“ ја смени својата позиција и, покрај договорот, одби да ги поддржи министрите на ИТН. Вчера истото го направи и коалицијата на „Стани. БГ!Доаѓаме“, а слични навестувања имаше и од социјалистите.
Што и да се случи утре во пленарната сала во парламентот, Румен Радев мора да го предаде вториот мандат, јавуваат бугарски медиуми.
ГЕРБ, како второрангирана партија, веќе најави дека ќе го врати веднаш мандатот и нема да се обиде да формира влада. Тука, почнува трката помеѓу БСП, Демократска Бугарија и „Стани БГ! Доаѓаме“ за трет мандат.
Социјалистите најавија дека, доколку го добијат, ќе предложат привремената влада да стане редовна. Другите две коалиции соопштија дека ќе задржат некои од техничките министри. Сепак, ваквите најави се толкуваат како „сметка без крчмар, со оглед на тоа што, без гласови на ИТН или на ГЕРБ, овие партии не би можеле да формираат влада.