Делегации на Владата на Република Северна Македонија предводени од државните секретари на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, Драган Николиќ и Магдалена Несторовска, денеска положија цвеќе на неколку локации по повод 20 години од загинувањето на осум припадници на Армијата кај месноста Љуботенски Бачила.
Како што соопшти Вадата, делегациите оддале почит и положиле цвеќе пред спомен обележјата во Општина Ѓорче Петров, село Волково, село Љубанци и касарната Илинден.
Цвеќе положиле и припадници на Армијата и на полицијата, претставници на локалната власт и блиски и членови на семејствата.
На 10 август 2001 година, на патот кај месноста Љуботенски Бачила, армиско товарно возило нагази на две противтенковски мини. Животите ги загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот армиски состав.