Францускиот претседател Емануел Макрон, на критиките дека ова е санитарна диктатура и потиснување на слободите, одговори дека „слободата значи и одговорност нешто да се придонесе“, а не со невакцинација и масовно собирање да се поттикнува уште поголема зараза
Неколку земји од Европската унија веќе воведоа или воведуваат „здравствени дозволи“ за влез во болници, музеи, кина, кафулиња, ресторани, трговски центри и затворени спортски центри, подолги возења со јавен превоз, за да се спречи зголемената зараза со коронавирус и да се избегне затворањете на сите јавни простори и воведување полициски час.
Вака тоа го објаснуваат министрите за здравство на неколку земји-членки на ЕУ, а францускиот претседател Емануел Макрон, на критиките дека ова е санитарна диктатура и потиснување на слободите, одговори дека „слободата значи и одговорност нешто да се придонесе“, а не со невакцинација и масовно собирање да се поттикнува уште поголема зараза.
Здравствената дозвола значи потврда дека нејзиниот сопственик е вакциниран, прележал ковид-19 или има негативен ПЦР-тест.
Владите на неколку земји -членки на ЕУ, донесоа ваква одлука која посебно ќе важи за здравствениот персонал и најмногу за наставниците во училиштата и колеџите, иако сметаат дека граѓаните имаат право да протестираат и да не се согласуваат, но мора да ги прифатат последиците во законот доколку ги прекршат таквите мерки.

Во Италија, илјадници противници на здравствените дозволи протестираа на улиците на повеќе градови, во Франција вчера имаше малку повеќе во споредба со минатата сабота, околу 240 000, од кои 16 000 во Париз, за што објавија многу медиуми.
Во Франција, 67 проценти од населението, 45 милиони луѓе, досега примиле една доза, а 56 проценти се целосно вакцинирани против коронавирус.
На демонстрациите во француските градови се собираат антиваксери, екстремно леви и десни, „жолтите елеци“ и слични бунтовници, а единствениот политичар кој се појави на овие протести беше Флоријан Филипо, чие крило се отцепи од екстремно десничарската партија Национален фронт.
Повеќето земји воведоа пропусници
Здравствените дозволи се воведени или се во фаза на воведување во Австрија, Грција, Португалија, Унгарија, во Германија и Шпанија одлучуваат федералните провинции, САД веќе делумно ги воведоа, Швајцарија воведе таква мерка со закон за сите области каде се собираат повеќе од илјада луѓе, а останатото е оставено на „волја и совест“ на посетителите и сопствениците на трговските центри, спортски објекти, кафулиња, ресторани, но медицинскиот персонал мора да се вакцинира.
Италијанската Влада објасни дека целта на законската обврска за професорите, учениците и студентите да имаат здравствена дозвола, е за да одржуваат часови со физичко присуство, а не предавањата и испитите да се одржуваат преку интернет, што беше само делумно успешно.

Италијанскиот министер за образование Патрисио Бјанки објасни дека законот предвидува дека наставниците во основните и средните училишта кои немаат здравствена дозвола ќе бидат отпуштени и нема да земаат плата доколку не доаѓаат на настава пет дена.
Санкциите за универзитетските професори ќе зависат од одлуките на ректорот бидејќи тоа го регулира автономијата на универзитетот.
Според француската влада, 83 проценти од заразените со коронавирус кои биле примени во болниците биле невакцинирани, а опасноста невакцинираните луѓе да завршат на апарати за дишење е 12 пати поголема.

Европската агенција за лекови (ЕМА) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) рекоа дека „целосната вакцинација е од клучно значење за заштита од опасниот вирус ковид-19, вклучувајќи го и делта сојот“.
Директорот на ЕМА Фергус Свини посочи дека опасноста од инфекција ќе постои се додека вирусот циркулира, но тој подвлече дека вакцините се ефикасни и дека вакцинираните луѓе се позаштитени од коронавирусот, отколку оние кои не се вакцинирани.
Шефот на ЕЦДЦ Мајк Кечпол објаснува дека ниту една вакцина не штити 100% и затоа ограничен број инфекции можат да се појават кај вакцинираните луѓе, но тие нема да мора да подлежат на интензивна терапија – вакцините спречуваат сериозни болести и смрт.
И кога станува збор за тоа дали децата треба да се вакцинираат, Европската комисија оцени дека тоа може да биде неопходно и затоа е нарачана голема количина вакцина „Бионтек-Фајзер“, а последниот збор за тоа го даде Европската агенција за лекови (ЕМА).