Во исто време, регулаторното тело за медиуми се закани дека ќе ги казни телевизиските канали кои продолжуваат да емитуваат снимки од пожарот во живо или ако објавуваат приказни „што предизвикуваат страв и загриженост во јавноста“
Обвинителите во Турција започнаа истрага за хаштагот на социјалните мрежи „Помогнете ѝ на Турција“ (#HelpTurkey), преку кој, како што смета власта, се критикува одговорот на Владата на катастрофалните пожари во земјата, обвинувајќи ги оние што го користат за ширење „паника и страв “.
Хаштагот доживеа „експлозија“ кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше фотографиран како фрла кесички со чај од автобус кон локалното население среде ноќ додека го посетуваше погодениот регион под силни полициски сили, а неговото присуство беше најавувано со мегафон, пишува Гардијан.

„Помогнете ни !!! Итно ни требаат авиони. Имаме само еден свет “,
напиша турскиот комичар Енис Арикан на Твитер неколку часа по посетата на Ердоган, што е типична објава во рамките на хаштагот„ Помогнете ѝ на Турција “.
Но, во длабоко поделена земја како Турција, каде уште помали работите предизвикуваат културни војни меѓу поддржувачите и противниците на Ердоган, овој хаштаг дегенерираше во скандал, што доведе дури и до обвинителска истрага, пишува Гардијан.
Ердоган, кој неочекувано се соочува со една од најсериозните кризи во 18-годишното владеење, звучеше шокирано поради идејата дека на неговата земја ѝ е потребна помош за борба против најлошите пожари во историјата, во кои животот го загубија осум лица.
Владата на Ердоган се соочува со обвинувања дека не реагирала правилно на пожарите долж нејзиниот јужен брег, како и дека не била подготвена, бидејќи признала дека земјата нема соодветни противпожарни авиони.
„Како одговор, можеме да кажеме само едно: Силна Турција“. Теророт на лагата се шири од Америка, Европа и други специфични места“,
рече Ердоган по редовната молитва во петокот, осврнувајќи се на хаштагот.
Обвинителите побрзаа да го смират гневот на Ердоган, покренувајќи истрага за да утврди, како што рекоа, дали целта на објавите под хаштагот е „да предизвикаат вознемиреност во јавноста, страв и паника или да ја понижат турската Влада“.
Казни за медиумско известување во живо за пожарите
Во исто време, регулаторното тело за медиуми се закани дека ќе ги казни телевизиските канали кои продолжуваат да емитуваат снимки од пожарот во живо или ако објавуваат приказни „што предизвикуваат страв и загриженост во јавноста“.

Многу станици ја почитуваа директивата, сведувајќи го на минимум известувањето за катастрофа што уништи хектари и хектари шуми долж бреговите на Средоземното Море и Егејското Море, и целосно ги промени животите на генерации земјоделци.
Според Гардијан, Владата смета дека хаштагот кој повикува на помош за Турција ги охрабрува луѓето со лажни профили на социјалните мрежи, за да се манипулира со јавното мислење.
Истрагата за хаштагот „Помогнете ѝ на Турција“ е придружена со дополнително задушување на социјалните мрежи, што е прашање што предизвикува бурни дебати во земја во која доминираат провладините медиуми.
По првичниот отпор, Твитер, Фејсбук и други социјални мрежи се придржуваа кон новиот закон со кој се бара од тие платформи да назначуваат локални претставници кои би ги спровеле судските наредби за отстранување несоодветна содржина.