До почетокот на изборната кампања, предмет на надзор ќе бидат првиот телевизиски програмски канал на јавниот сервис – МРТ1 и шест комерцијални телевизии на државно ниво кои имаат просечен неделен досег над 10 проценти
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), како што соопштуваат оттаму, од утре почнува со мониторинг на изборното медиумско известување на радиодифузерите за локалните избори 2021 година, откако спикерот Талат Џафери и официјално го одреди 17 октомври како изборен датум.
„Во периодот до почетокот на изборната кампања, предмет на надзор ќе бидат првиот телевизиски програмски канал на јавниот сервис – МРТ1 и шест комерцијални телевизии на државно ниво кои имаат просечен неделен досег над 10% – ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа и ТВ 24 Вести. Сите други програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставка. Предмет на мониторинг ќе биде нивната вкупна програма, со посебен фокус на централните изданија на вестите и посебните информативни емисии во кои учествуваат претставници на власта (државна/локална), на политички партии и други потенцијални учесници во изборите. Ќе се мониторираат и сите други програми во кои има потенцијални учесници во изборите без оглед на причините за нивното појавување“,
велат од АВМУ.
Имајќи предвид дека со распишувањето на Локалните избори, закажани за 17 октомври, стапија на сила одредбите од Изборниот законик, АВМУ ги потсетува сите радиодифузери на одредбите релевантни за нивното известување и постапување во периодот пред почетокот на изборната кампања.
АВМУ упати и допис до сите радиодифузери, упатувајќи ги на законските одредби што се однесуваат на нив во контекст на известувањето до почетокот на изборната кампања.
