Собранието во продолжението на 130-та седница со 62 гласа „за“ ги донесе измените на Законот за управување со отпад по скратена постапка.
Со измените на Законот за управување со отпад се забранува увоз на отпад што се користи како извор на енергија.
Предлагачи на Законот беа пратеничките на ДОМ Маја Морачанин и Лилјана Поповска.
„Со предложените законски решенија во предлогот на законот за изменување на Законот за управување со отпадот ќе се постигне поголема заштита на животната средина и, пред сè, на здравјето на луѓето и ќе се укине можноста за увоз на отпад кој со одредбата во постојниот закон се користи како извор на енергија“, се вели во образложението на пратеничките Морачанин и Поповска.
Ова е членот на законот што се менува.
Со измени, практично, се брише последната точка односно точка 3 од ставот 3 на членот 100, која предвидува дека е дозволено да се увезува отпад што може безбедно „да се користи како извор на енергија“.
Останатите ставови и точки остануваат исти односо и натаму се забранува увоз на отпад за складирање заради отстранување (став 1) и увоз на опасен отпад што е измешан со неопасен отпад или со други компоненти кои ја намалуваат штетноста и опасните карактеристики на отпадот (став 2).
Останува дозволен увоз на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето (став 3 точка 1), како и да се користи како суровина (став 3 точка 2).